СКОПЈЕ
Џихад АЛИУ
Скопје, град кој во текот на историјата бил домаќин на голем број цивилизации, го привлекува вниманието на туристите благодарение на архитектурата која им припаѓа на различни временски периоди.
Градот кој е сместен меѓу остатоци од населени места и археолошки ископувања од пред византискиот период, се истакнува со својата османлиска архитектура, архитектурата од периодот на Југославија, бруталистичката архитектура по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој беше разрушен речиси половината од градот, и барокната фасада која последните години е изработена на зградите во централното градско подрачје.
Во исто време, Скопје е град во кој се наоѓа и здание на кое му нема слично во блискиот регион. Станува збор за објект изграден во стилот на „Нео-Мудехар“ („Neo-Mudejar“), еден вид мавританска преродбена архитектура.
Покрај катастрофалниот земјотрес, кој во голема мерка го разруши Скопје во 1963 година, друга голема катастрофа е пожарот кој избувнал во градот на 26 октомври 1689 година и кој траел два дена. Во тој период ова подрачје било под османлиска управа, а австрискиот генерал Силвио Пиколомини водел офанзива со која сакал да ги освои Босна, Косово и Македонија. По освојувањето на градот наредил да се запали, при што, пожарот речиси во целост го претворил градот во пепел.
Генералот Пиколомини наредил да се запали градот откако увидел дека нема да може долго да го држи под своја контрола. По пожарот во градот останале само зданијата изградени од камен. Во тој период значително се намалува популацијата во градот и тој го губи значењето на регионален центар за трговија.
- Дела кои потекнуваат од древни времиња
Поради фактот што градот се наоѓа на една од клучните позиции на Балканскиот Полуостров, Скопје со години било освојувано од различни нации.
Историчарите за старото име на градот „Скупи“ велат дека потекнува од периодот кога оваа територија била именувана како Дарданија (северозападен дел од денешна Северна Македонија, Косово и источна Албанија) за потоа врз остатоците на градот Римската Империја да изгради ново населено место.
Меѓу остатоците од градот, кој своите најсветли моменти ги имал во доцниот антички период, откриени се делови од ѕидови, театар, базилика и бањи.
Друг објект кој е сведок на историјата на Скопје е Акведуктот. Некои истражувачи сметаат дека Акведуктот е изграден од Римското или Византиското Царство, но има истражувачи кои сметаат дека не станува збор за објект изграден од Византија во 6 век, туку поврзувајќи ја техниката на градење на Акведуктот со онаа на Куршумли ан, сметаат дека станува збор за објект изграден во 15 век од страна на Османлиите.
Акведуктот, кој во османлискиот период е познат под името Акведукт на Мустафа-паша, служел за дотур на вода до Старата скопска чаршија, која во тоа време била центар на градот, и до џамијата „Мустафа-паша“, што се наоѓа во близина.
Акведуктот се состоел од 200 лака, а денес останале само 50-тина.
И Скопското кале е еден од објектите кои се остатоци од минатото.
- Старата скопска чаршија и османлиските артефакти
„Центарот за трговија“, познат и под името Стара скопска чаршија, со своите мали дуќани, студија, џамии што останале од османлискиот период, традиционални ресторани, гостилници и стари бањи, го привлекува вниманието на туристите и им го доловува духот на градот.
Старата скопска чаршија, чии улици се сведок на минатото, е едно од најпосетуваните места, како од скопјаните, така и од туристите. Во чаршијата каде што традицијата успеала да опстои, секое ќоше крие тајни од историјата.
Во книгата за „Патешествијата на Евлија Челебија“ и од некои историчари, забележано е дека во Скопје имало 125 џамии, од кои само мал број успеале да ја дочекаат денешницата.
Некои од ретките примери на објекти од османлискиот период, кои успеале да опстанат до денес се: „Мустафа-пашината џамија“, џамијата „Мурат-паша“, џамијата „Султан Мурат“, џамијата „Алаџа“, Куршумли ан, Капан ан, Сули ан, Чифте амам, Даут-пашин амам.
Друг редок пример на објект кој опстанал од османлискиот период е скопската Саат-кула. Саат-кулата, која е изградена на ридот во централното подрачје на градот, потекнува од 16 век, и носи специфична архитектонска карактеристика благодарение на куполата која наликува на средновековната руска архитектура.
Францускиот патописец Филип Дифрен, за време на посетата на Скопје во 1573 година, запишува дека Саат-кулата во Скопје е првата таква кула на територијата на Османлиите и наведува дека часовникот и часовничарот на Саат-кулата се донесени од унгарскиот град Сегедин, кој во тој период бил под османлиско владеење.
По земјотресот, во 1963 година, Саат-кулата претрпела оштетувања и на часовниците, кои под изговор за сервисирање биле извадени од кулата, а подоцна им се губи трагата. Со донација од страна на Турција, во 2008 година, во кулата се вградени часовници од швајцарско производство.
Во моментов, под покровителство на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), се врши реставрација на Саат-кулата и минарето на џамијата „Султан Мурат“.
- Камениот мост - еден од османлиските симболи во Скопје
Со векови во центарот на Скопје опстојува Камениот мост, кој ги соединува двата брега на градот и е најважното дело што ја симболизира Османлиската Империја во Скопје.
Камениот мост, кој е познат и под името „Мостот на султанот Мехмед Освојувачот“, е еден од најзначајните и највредни дела од османлискиот период. Изградбата на мостот започнала во периодот на султанот Мурат II, а е завршена во времето на султанот Мехмед Освојувачот и претставува еден од симболите на градот.
Мостот со дожина од 220 метри има 12 столба и ширина од 6 метри. Изградбата на мостот траела во периодот од 1451 до 1469 година, а познато е дека претрпел голем број оштетувања за време на војните и земјотресот.
- „Арапска куќа“ и андалузиска архитектура
На балканските простори постојат само два објекти кои со својата архитектура потсетуваат на андалузиската архитектура, позната и како мавританска преродбена архитектура или нова андалузиска архитектура. Едниот од нив се наоѓа во Скопје и го носи името „Арапска куќа“, додека вториот е изграден во Сараево. Станува збор за објектот „Вјечница“, во кој е сместена Националната и универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина.
Овој објект, кој со својата архитектура го привлекува вниманието, е изграден од архитектот Иван Артемушкин во периодот од 1936 до 1938 година на барање на ерменскиот текстилец Агор Дикиџијан, кој живеел во Скопје, во знак на љубов кон својата сакана Агавни.
Арапската куќа, која денес не е во функција, еден период работеше како хотел.
- Земјотресот во 1963 година и футуристичко Скопје
Со повлекувањето на Османлиите од Балканот во почетокот на 20 век и завршувањето на нивното владеење на овие простори, во периодот на Југославија, Скопје добива ново лице.
Со архитектонскиот стил познат и како конструктивистичка архитектура, се имало за цел напредната технологија и инженерски науки на соодветен начин да бидат соединети за социјални цели.
Но по земјотресот што го потресе Скопје во 1963 година, најголем дел од Скопје беше разрушен и градот влезе во еден нов период на изградба.
Споменот на земјотресот што се случи во 5:17 часот наутро, сè уште живее во просториите на поранешната Железничка станица разрушена во разорниот земјотрес. На предниот ѕид од објектот, кој денес се користи како „Музеј на Град Скопје“, се наоѓа часовникот кој застанал во моментот на земјотресот и овој часовник, кој не е допрен до ден-денес, стана еден од симболите на градот.
По земјотресот, Скопје стана вистински град на „меѓународната солидарност“, а голем број земји од светот испратија своја помош. И денес голем број улици и згради во главниот град ги носат имињата на државите и нивните лидери, кои помогнале во изградбата на разрушеното Скопје. Една од улиците со имиња на познатите државници од светот е и улицата „Мустафа Кемал Ататурк“.
Градот по разорниот земјотрес започна да ги завива раните, а Обединетите нации, со цел да изнајдат решение за изградба на градот одново, организира натпревар, на кој победи јапонскиот архитект Кензо Танге, кој изработил урбанистички план за градот. Иако можеби архитектонскиот проект на јапонскиот архитект не е спроведен во целост, градот добива облик на мешавина на проектот на Кензо Танге и локалните архитекти, кои градат објекти со бруталистичка и футуристичка архитектура.
Овие објекти кои опстојуваат, поради својот футуристички изглед го привлекуваат вниманието на голем број лица. Денес голем број објекти во Скопје, како што се скопската Железничка станица, зградата на Поштата и Државниот универзитет се изградени и инспирирани од таквата архитектура.
- „Скопје 2014“ и спомениците
Скопје, кое се опишува како срце на Балканот, благодарение на проектот „Скопје 2014“ што го спроведе претходната Влада, ја доби својата последна архитектонска структура.
Поставувањето барокен стил на фасадите на зградите во централното градско подрачје, заедно со новите згради кои се изградени во ист стил и новопоставените споменици, го смени лицето на центарот на историскиот главен град.
На местото на „Бурмали џамијата“, изградена од страна на Карлизаде Мехмет-бег во 1494 година, која подоцна била урната од Србите и на нејзино место бил изграден Офицерскиот дом, во рамките на проектот „Скопје 2014“ изграден е објект кој според својата архитектура многу наликува на поранешниот Офицерски дом.
Предмет на голем број дискусии во градот и противење на граѓаните беше и предлогот со кој во рамките на „Скопје 2014“ зградата на ГТЦ, изградена во 1970 година, требаше да се реставрира во барокен стил. За таа цел Општина Центар во 2015 година организираше референдум. На овој референдум жителите на Општина Центар беа запрашани: „Дали сте за тоа да се задржи сегашниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар?“. На референдумското прашање одговор „да“ дадоа 96,23 % од гласачите.
news_share_descriptionsubscription_contact


