Bojana Stojanovic
25 Јули 2018•Ажурирај: 26 Јули 2018
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Љајиќ, денес изјави дека Србија, БиХ, Македонија и Црна Гора го повикале Косово без одлагање да ги укине царините и на преостанатите производи и да се врати во рамките на трговскиот договор ЦЕФТА, јавува Anadolu Agency (AA).
Денес во Белград одржаа состанок српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Љајиќ, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија, Љупчо Николовски, министерот за трговија и економски односи на БиХ, Мирко Шаровиќ и шефот на Директоратот за мултилатерална и регионална економска соработка на Министерството за економија на Црна Гора, Горан Шчепановиќ. Состанокот беше по повод одлуката на институциите на Косово да воведат трговски бариери на увозот на сезонско овошје, зеленчук и пченка.

Српскиот министер изјави дека непосредно пред состанокот дознале дека Приштина, на вчерашната седница, донела одлука за делумно укинување на трговските бариери во вид на царина од 30 отсто на увозот на сезонско овошје, зеленчук и пченка, која е воведена на 13 јули, а стапи на сила на 18 јули.
Љајиќ рече дека учесниците на денешниот состанок ја поздравуваат одлуката на Приштина за делумно укинување на бариерите, но дека очекуваат што е можно побрзо да ја повлече бариерата и за останатите производи.
„Сè додека тоа не се случи, на сите учесници и земји на овој состанок им останува можноста да преземат контрамерки за кои сметаат дека се соодветни. Сакаме да го избегнеме тоа, бидејќи трговска војна нема да донесе ништо добро“, додаде Љајиќ.
Тој објасни дека тоа е чекор во правец на решавање на ова прашање, но дека немаат право да молчат сè додека оваа одлука, која е во спротивност на ЦЕФТА, не биде во потполност укината.
Исто така додаде дека тие сакаат договорот ЦЕФТА да функционира во потполност и да ги отстранат сите бариери во слободната трговија, бидејќи тие едни на други се најголеми трговски парнери без ЕУ.
Љајиќ истакна и дека учесниците на состанокот се согласни да се формира оперативно тело кое ќе се занимава со побрзо и поефикасно решавање на проблемите кои се јавуваат.
„Ова не значи дека ќе го поништиме договорот ЦЕФТА, но телото ќе функционира сè до овој Дополнителен протокол на 7-от договор на ЦЕФТА“, објасни Љајиќ.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, Љупчо Николовски, истакна дека Косово е значаен трговски партнер за Македонија, поради што веќе разговарале и ќе продолжат да разговараат за тоа со надлежните и со министрите во регионот.
Учесниците на состанокот го повикаа Косово да стави крај на другите трговски бариери, како што се дополнителни даноци за термоблокови и брашно со потекло од централна Србија и царини за увоз на млеко и млечни производи со потекло од БиХ.