Almir Terzic
24 Август 2018•Ажурирај: 25 Август 2018
САРАЕВО (AA) - Ферхад-пашината џамија „Ферхадија“ во Бања Лука, во четвртокот, на 23 август, околу 3:00 часот наутро, како што наведуваат од Муфтивството во Бања Лука, била изложена на чин, кој со оглед на временскиот контекст и пораката која ја испраќа, може да се смета за терористички чин, јавува Anadolu Adency (AA).
Според неофицијални сознанија од Полициската управа на Бања Лука, неколку возрасни лица пукале од огнено оружје врз „Ферхадија“.
Полицијата ги привела напаѓачите, го утврдила нивниот идентитет и моментално работи на квалификација на кривичното дело.
Муфтивството во Бања Лука најостро го осудува овој вандалски чин кој може да се окарактеризира како терористички, бидејќи се работи за пукање врз една од најзначајните џамиии на Балканот, бањалучката „Ферхадија“, и тоа на третиот ден од големиот муслимански празник Курбан бајрам.
„Од надлежните институции очекуваме најсериозно да пристапат кон овој случај и најстрого да ги санкционираат сторителите. Пукањето врз „Ферхадија“ е еднакво на пукање во сите нас, бидејќи таа е јавно добро на муслиманите и културно-историско добро на сите граѓани. Поради тоа, од сите релевантни општествено-политички фактори, посебно од подрачјето на Република Српска - очекуваме јавна осуда на овој чин“, порачаа од Муфтивството на Бања Лука.
„Најискрено се надеваме дека овој чин не е поврзан со обидите за заострување на ситуацијата пред официјалниот почеток на предизборната кампања. Оние кои евентуално би се впуштиле во таква авантура, треба да знаат дека нивните обиди се залудни и однапред осудени на неуспех“, се вели во соопштението.
Џамијата „Ферхадија“ е изградена во 1579 година од страна на гувернерот на Босна во Османлиската држава, Ферхат-паша. Оваа џамија беше срушена на 7 мај 1993 година, за време на војната во Босна и Херцеговина. Отворена беше во 2016 година, по нејзината реставрација извршена од страна на Турската агенција за соработка и развој (ТИКА).