Bekim Laci
23 Август 2018•Ажурирај: 24 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Македонија на 84. седница направи промена во својот заклучок од 83. седница, со која министерствата и органите на државната администрација требаше да го информираат Министерството за финансии дали имаат на располагање финансиски средства кои можат да се префрлуваат во кампањата од јавен интерес, поточно за референдумот распишан за 30 септември оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на прес-конференција истакна дека по направените анализи, Министерството за финансии констатирало дека оваа процедура ќе го нарушеше предвидениот временски рок за одржување на кампањата, поради што ѝ предложи на Владата друго решение, која таа го прифати и побара од ова Министерство да подготви предлог-одлука за обезбедување сума од 80 милиони денари, кои ќе се добијат од тековната буџетска резерва, и ќе бидат наменети за одржување на кампањата според подготвен и одобрен план на Собранието на Македонија, како официјален предлагач на референдумот.
„Овие средства се ставени на располагање на Собранието, односно на политичките субјекти, на пратениците, на пратеничките групи, на евентуалните коалиции коишто би се создале, кои ќе можат да ги искористат овие средства за медиумски закуп во сите медиуми кои поднеле ценовник до Државната изборна комисија за кампања за референдумот. Овие средства ќе му бидат префрлени на Собранието од ставката - функции на државата од буџетот на Министерство на финансии“, рече Бошњаковски.
Тој нагласи дека Владата донесе одлука да реализира кампања на јавна комуникација за референдумот, со што ќе ги претстави придобивките за граѓаните на Република Македонија од влезот на земјата во ЕУ и во НАТО, како и за Договорот со Грција, преку медиумите, соопштенија за јавноста, информирање, изјави, прес-конференции, интервјуа и учество во телевизиски и радиодебати, како и преку социјалните мрежи Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Фликр и Јутјуб, при што ќе заштеди 400.000 денари од редовниот буџет на Генералниот секретаријат на Владата.
Владиниот портпарол Мухамед Хоџа нагласи дека на последната седница, Владата го разгледала и одобрила Извештајот за реализираните преговори со хармонизираниот текст на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и на Република Косово, за заемно признавање на возачките дозволи, и го назначила министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, да го потпише договорот за заемно признавање на возачките дозволи.