İhvan Radoykov
28 Март 2019•Ажурирај: 31 Март 2019
СОФИЈА (АА) - ИХВАН РАДОЈКОВ -
На падините на планината Родопи во Бугарија се наоѓа селото Чепинци, кое крие вистинско историско богатство, а станува збор за рачно испишан Куран од 14 век, јавува Anadolu Agency (AA).
Во срцето на ова муслиманско село на подалечната периферија на Софија се наоѓа џамија во која се наоѓа и локална библиотека во која луѓето за време на комунистичките власти сокриле и сочувале вредни ракописи и книги.
Селскиот старешина Хајри Брахимбашев за АА изјави дека џамијата со две минариња е изградена по падот на комунистичките власти и тоа со средствата на локалното население кое сочувало важни ракописи и книги кои моментално се во инвентарот на локалната библиотека.
Истакнувајќи дека станува збор за Куран кој е рачно испишан и во кој Божјите имиња се испишани со златно мастило, Брахимбашев изјави дека тоа е највредното богатство на селото.
„Ова богатство го чуваме како зеница на окото. Единствената книга ќе ја оставиме во наследство на нашите деца“, изјави Брахимбашев и додаде дека жителите тој Куран го нарекуваат и златна книга.
Во локалната библиотека во Чепинци се наоѓаат најмалку 400 ракописи и повеќе од 800 печатени книги од областите религија, филозофија, астрономија и историја.
„Благодарни сме на предците кои во времето на комунизмот го сочувале ова вредно богатство. Во библиотеката имаме многу ракописи и книги кои се стари, два, три или повеќе векови. Експертите неодамна ги реставрираа кориците на нашето најголемо богатство, златната книга“, изјави Брахимбашев.
Поголемиот дел на книги и ракописи жителите во библиотеката ги донирале во 1999 година откако била отворена џамијата, а меѓу останатото, во библиотеката се наоѓа уште еден ракопис на Куранот на еленска кожа за кој сѐ уште не е утврдено од кој период потекнува.
Брахимбашев, во разговор со новинарот на АА исто така изјави дека во Чепинци остануваат млади луѓе и дека тие не подлегнале на трендот заминување во големите градови.
„Ние сме луѓе кои сме цврсто приврзани за својата вера и земја. Ги сметаме за свети и ги чуваме како такви“, изјави Брахимбашев.
Еден од жителите на селото, пензионираниот рудар Усејин Маденски, изјави дека приврзаноста кон исламот и заедницата претставува главен фактор на останувањето на младите и растот на популацијата во Чепинци.
„Исламот е вера во која вистинските вредности не се искривени. Нашата обврска е да ја чуваме вербата во исламот, кој ни забранува да правиме лоши дела“, рече Маденски, кој во Чепинци изградил месџид, јавна фонтана и мост.
Уште еден од жителите, Раиф Куцев, изјави дека и самиот учествувал во акциите на градењето на џамијата која претставува симбол на почитување на минатото и надеж во подобра иднина.
Во Чепинци живее и Халил Мерин, кој дошол од Кипар и се оженил тука. Тој изјави дека во селото останал бидејќи му се допаднало како луѓето, почитувајќи ја верата и традицијата, живеат спокојно.
„Дојдов како странец, но ме примија како брат. Многу сум среќен во Чепинци“, изјави Мерин.