Husamedin Gina
28 Март 2019•Ажурирај: 29 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – „НАТО и Европската Унија за сите нас се платформа за здружување на народите и заедничка акција за подобро утре", рече министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, на научната конференција „Градење на вредносен и безбедносен систем: услов за интеграција во НАТО“, одржана денес во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање на конференцијата, вицепремиерката Шекеринска, осврнувајќи се на значењето на НАТО и ЕУ за Северна Македонија рече дека треба „да ја сакаме земјата на нашите деца, а не само земјата на нашите дедовци, бидејќи честа не зависи од тоа од каде доаѓаме, туку од тоа каде ќе стигнеме."
„НАТО и Европската Унија за сите нас се платформа за здружување на народите и заедничка акција за подобро утре. Посакувам нашите деца и идните генерации да имаат свое место на таа платформа, меѓутоа, тоа место, ние мораме и да го заслужиме, ние мора и да го заработиме“, нагласи Шекеринска.
На конференцијата, претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, истакна дека за Северна Македонија ова е навистина историска шанса, првпат по осамостојувањето, напредокот во евроатланските интеграциски процеси економски солидно да го валоризира.
„Колку ќе успееме во тоа, се разбира, пред сѐ зависи од нас, односно од тоа колку ќе бидеме успешни во спроведувањето на крупните и тешки реформи пред кои сме исправени, тоа е сега наша работа и наша задача“, рече Фити, осврнувајќи се на тоа дека економските придобивки од пристапувањето во НАТО ќе бидат големи.
На конференцијата се обрати и поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ. Тој истакна дека НАТО е политички сојуз кој чува и некои вредности од западната демократија кои треба да бидат основа за развојот на општеството.
„Денес НАТО има една друга форма, се зборува за ново НАТО, НАТО кое не е ориентирано само на можна опасност од некаде, туку и на нови облици на загрозување, хибридни војни, тероризам, трговија со оружје, дрога. Поточно, не се работи само за воен сојуз, туку и за политички сојуз, кој чува и гради некои вредности“, истакна Јосиповиќ, потсетувајќи дека во НАТО постојат различности и дека заличува на убава градина со различни цвеќиња кои живеат заедно и даваат сигурност на сите земји.
Целта на конференцијата е да се отвори научна дебата за комплексните прашања кои го обликуваат вредносниот и безбедносниот систем на НАТО.