Abdula Berisha
16 Јуни 2022•Ажурирај: 16 Јуни 2022
OХРИД (AA) - Во рамките на Преспа форумот за дијалог (ПФД) се одржа сесијата „Зелена агенда за Западен Балкан: Рамка за имплементација за одржлив и климатски неутрален регион“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претставници на регионалните влади и меѓународни и регионални експерти на оваа сесија разговараа за активностите кои се преземаат и кои можат да се преземат за борба против климатските промени, особено на регионален план.
Вицепремиерот на Северна Македонија, Фатмир Битиќи, во своето излагање рече дека за најголем успех на владините политики за климата, потребни се заеднички и координирани акции на различните земји од Западен Балкан.
„Дејствувањето во областа на климатските инвестиции за ублажување и решенијата за адаптација треба да се направат со заеднички напори, бидејќи што и да можете да направите во една земја нема да биде доволно за да се реши целиот проблем. Но, кога ќе работиме на проблемот на регионално ниво, тогаш вистинскиот ефект ќе се види на хоризонтот“, рече Битиќи.
На сесијата поделена во два дела, говори имаа министерот за животна средина на Северна Македонија, Насер Нуредини; министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши; министерката за екологија на Црна Гора, Ана Новакович-Ѓуровиќ; министерката за финансии и економија на Албанија, Делина Ибрахимај; заменик-министерката за туризам и животна средина на Албанија, Алмира Џембула; заменик-претседателот на црногорскиот Парламент, Ервин Ибрахимовиќ; експерти и претставници на граѓанското општество на регионално и меѓународно ниво.
Меѓу другото, говорниците истакнаа дека Западен Балкан е еден од регионите најтешко погодени од влијанието на климатските промени во Европа и дека треба да се преземат поамбициозни и итни активности за справување со предизвиците во областа на животната средина, климатските промени и транзиција на енергија.
Други теми што треба да се дискутираат за време на Преспа форумот за дијалог се градењето издржлива и безбедна средина, зајакнување на стратешките партнерства, економска соработка и друго.
На ПФД присуствуваат високи претставници на земјите од регионот и пошироко, вклучувајќи претседатели и премиери, високи претставници на Европската Унија (ЕУ), претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, како и специјални претставници за регионот од САД, Европската Унија (ЕУ), Обединетото Кралство, Германија и други земји.
Преспа форумот за дијалог (ПФД) е платформа формирана од Владата на Република Северна Македонија со цел да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнат партнерствата.
Форумот има за цел да ги инспирира и промовира добрососедските односи и соработката. Платформата е замислена како место за размена на мислења и идеи за можни решенија за билатералните прашања.