Husameddin Gina
12 Јануари 2019•Ажурирај: 13 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) – Ја чувствувам и ја разбирам горчината, но и гордоста на секој граѓанин од огромното мнозинство за одлуката да се прифати овој исчекор за доброто и иднината на нашата земја и за нашиот народ, истакна денес премиерот Зоран Заев во своето прво обраќање по изгласувањето на уставните измени во Собранието на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Зоран Заев, еден ден по гласањето за Договорот за името со Грција, за, како што рече, историскиот момент, им се заблагодари на пратениците за големата и одговорна одлука.
„За овој историски момент сакам најискрено и најдиректно да им се заблагодарам на секоја пратеничка, на секој пратеник, за оваа голема и одговорна одлука. Знам колку беше тешко да се направи тоа, ја чувствувам и ја разбирам горчината, но и гордоста на секој граѓанин од огромното мнозинство за одлуката да се прифати овој исчекор за доброто и иднината на нашата земја и за нашиот народ. Горчината ја оставаме во минатото и со гордост гледаме во иднината. Напишавме историја и ги отворивме новите бели страници на нашата иднина. За испишување нова реалност, нова перспектива на Република Северна Македонија“, нагласи премиерот Заев.
Тој вели дека Договорот ќе значи дека кон НАТО и ЕУ Северна Македонија ќе пристапи како полноправна членка. А како нивна членка, на земјата ќе ѝ се гарантира безбедноста, стабилноста, а ќе биде и економски силна.
„Гласот за спроведување на Договорот од Преспа е одлука против изолацијата, против несигурноста и против сиромаштијата. Одлука што им дава сила на нашите млади генерации да се издигнат рамо до рамо со нивните европски врсници“, нагласи премиерот.
Премиерот се обрати и до опозицијата, побара од неа постојано да ја потсетува власта на своите одговорности, но и опозицијата да не попречува и да биде одговорна.
Што се однесува до синоќешниот повик на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, за предвремени избори, Заев рече дека тоа прашање ќе се отвори на партиските тела и дека за тоа серизно ќе се размисли.
Одлуките за уставните измени за имплементација на Договорот од Преспа и за измените на Уставниот закон денеска ќе бидат објавени во „Службен весник“, со што тие стапуваат на сила.
Премиерот Зоран Заев, на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, за тоа што претседателот Ѓорге Иванов одбива да потпише ваква одлука, изјави дека неговиот потпис не е потребен.
Потсетуваме, со 81 глас „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“, Собранието на Република Македонија вчера ги усвои уставните измени, со кои ќе се промени уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор).