Admir Fazlagic
26 Декември 2018•Ажурирај: 27 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Домот на Армијата на Република Македонија (АРМ) во Скопје, се одржа брифинг за борбената готовност на Армијата на Република Македонија, на кој Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски го информираше претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, Ѓорге Иванов за состојбата во армијата во текот на 2018 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Канцеларија за односи со јавност на Генералштабот на АРМ, на брифингот присуствуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменикот на министерот за одбрана Беким Максути, државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ, генералите во АРМ и претставници од кабинетот на претседателот на Република Македонија.
„Претседателот Ѓорге Иванов, беше информиран за реализацијата на плановите и задачите во 2018 година, за функционалните области во АРМ: персонален менаџмент и морал, операции, обука и вежби, логистичко обезбедување, планирање, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воената соработка", се вели во соопштението.
Се додава дека од страна на генералот Ѓурчиновски беа истакнати позначајните активности во текот на 2018 година, и проблемите со кои се соочуваше армијата, притоа беше посочено дека со залагање на персоналот се извршени сите планирани задачи.
Брифингот на борбената готовност е планска годишна обврска на началникот на Генералштабот на АРМ кон претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата за реферирање за состојбата на борбената готовност во АРМ.