Ihvan Radoykov
17 Ноември 2020•Ажурирај: 18 Ноември 2020
СОФИЈА
Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева истакна дека нејзината земја стави вето на соседна Северна Македонија за започнувањето пристапни преговори со Европската унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА)
„Патот на Северна Македонија е долг, таа ќе може да го најде своето место во ЕУ кога ќе биде подготвена за преговори. Држава заснована врз идеологија на непријателство кон Бугарија нема место во ЕУ", рече Захариева на прес-конференцијата во Софија, по онлајн одржаната конференцијата на министрите за европски прашања и надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Наведувајќи ги главните причини за неподдржување на преговарачката рамка на Северна Македонија за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, Захариева рече дека Северна Македонија не ја поддржува формулата за официјалниот јазик потпишана во 1999 година, неисполнувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и многу јасен текст, во кој изречно ќе се нагласи дека Северна Македонија нема претензии за македонското малцинство во Бугарија.
Захариева рече дека кампањите и медиумските известувања што содржат „непријателство кон Бугарија“ достигнаа невидено ниво во Северна Македонија.
„Нашата поддршка за преговорите за членство на нашиот сосед во ЕУ никогаш не била безусловна. Оние што веруваат дека Брисел ќе не замери по ова прашање се лажат. Би било добро и за луѓето во Северна Македонија да знаат како работи унијата. Некои одлуки се донесуваат едногласно. Како може земја што има сериозни проблеми со друга држава да влезе во ЕУ? “, изјави Захариева.
Посочувајќи дека бугарската влада е подготвена за преговори, но не гледа таква волја од Северна Македонија, Захариева рече: „Ако има проблематични билатерални односи меѓу државите, членството во ЕУ нема да биде можно", истакна Захариева.
Таа рече дека Софија дала поддршка за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ за Албанија, образложувајќи дека Албанија „ги исполни повеќето услови поставени со одлуката во март“.
Потсетуваме, на 6 ноември, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, информираше дека на состанокот на амбасадорско ниво КОРЕПЕР, на кој се разгледува преговарачката рамка, Бугарија ја блокирала првата фаза во усвојувањето на преговарачката рамка на Северна Македонија за пристапување во ЕУ.
Како што тогаш изјави премиерот Заев, со ова е прекршен членот 2 од Договорот за добрососедство со Бугарија.
Во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, Бугарија на 16 септември, до земјите членки на ЕУ им испратила објаснувачки меморандум, кој се состои од шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.