İhvan Radoykov
14 Ноември 2016•Ажурирај: 15 Ноември 2016
СОФИЈА (АА) - Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, кој е лидер на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), пред Парламентот ја достави оставката на Владата поради поразот во вториот круг на гласање од претседателските избори во Бугарија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во барањето за владината оставка предадена од страна на Борисов, се вели дека постоечката влада ќе ја извршува функцијата и ќе овозможи континуитет во административниот систем на државата сѐ до изборот на новата влада.
Се очекува за владината оставка да се дискутира на седница на Парламенот, којашто ќе се одржи в среда, на 16 ноември.
Од друга страна, според бугарските закони, претседателот на Бугарија, Росен Плевнелиев, кој функцијата ја завршува на 22 јануари, нема право да закаже предвремени избори во последните три месеци од својот мандат.
Плевнелиев претходно имаше изјавено дека ќе вложи напори за да се формира нова влада.
Лидерите на останатите партии во Парламентот изјавија дека посакуваат предвремени избори.
Во вакви услови, одлуката за предвремени избори ќе може да ја донесе новоизбраниот претседател Румен Радев, кандидат на Бугарската социјалистичка партија, по 22 јануари, откако ќе започне да ја извршува својата функција.
Според политичките набљудувачи во земјата, се предвидува предвремените избори во Бугарија да бидат закажани за март или април.