Ihvan Radoykov
16 Мај 2022•Ажурирај: 17 Мај 2022
СОФИЈА (АА) - Официјалната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Северна Македонија, што беше планирана за 22 мај, е одложена поради билатерални проблеми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лена Бориславова, шефицата на Кабинетот на премиерот на Бугарија, во изјавата за медиумите рече дека билатералните проблеми меѓу Бугарија и Северна Македонија продолжуваат.
Бориславова истакна дека нема напредок во преговорите за билатералните односи и затоа премиерот Петков ја одложил планираната посета на Северна Македонија на 22 мај.
Истакнувајќи дека очекуваат да се преземат позитивни чекори во однос на нивните барања, Бориславова рече: „Единственото нешто што бугарската Влада сака да го види е Северна Македонија да го напушти својот јазик на омраза (што го користи против Бугарија) и да стави крај на дискриминацијата на бугарското етничко малцинство што живее во оваа земја. Бидејќи нема резултати за овие две прашања, нашите чекори отсега ќе бидат вакви.“
Димитар Гирдев, претседател на Комитетот за надворешни односи на бугарскиот Парламент, потсетувајќи на недостатокот на напредок во нивните билатерални односи, рече: „Во последната година билатералните односи солидно се влошија наместо да се подобруваат.“
И покрај договорот за добрососедство и пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија, постојат разлики во мислењата за заедничката историја, јазик и полемики базирани на идеологија.
Бугарија, која е членка на ЕУ, го користи своето право на вето против почетокот на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ.
Во период кога полемиката заснована на меѓусебни тврдења продолжува во билатералните односи, на 25 јануари владите на Бугарија и Северна Македонија повторно се сретнаа по 4 години пауза и одржаа заедничка седница.
На состанокот, владите се договорија следниот состанок да го одржат во Скопје во мај за да го поддржат напредокот на Северна Македонија во процесот за членство во ЕУ.