Almir Terzic
23 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
САРАЕВО (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Турција Исмаил Караман, кој престојува во официјална посета на Србија, се сретна со претседателот на Република Србија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кахраман на српскиот претседател му ги пренесе поздравите од претседателот Реџеп Таип Ердоган, како и поканата да ја посети Турција, која Вучиќ со задоволство ја прифати.
Вучиќ изрази големо задоволство што претседателот на турското Собрание доаѓа во Србија непосредно по успешната посета на турскиот претседател Ердоган, потврдувајќи дека односите на двете земји се во постојан подем.
Двајцата соговорници констатираа дека постои взаемна желба билатералната соработка да биде унапредена во сите области, со очекување дека воспоставувањето на Високиот совет за соработка, како и 16-те договори потпишани, ќе ѝ дадат значаен поттик.
Кахраман додаде дека е зголемен интересот на турските стопанственици за инвестирање во Србија, заблагодарувајќи му на Вучиќ за личната поддршка на турските инвеститори.
Вучиќ и Кахраман исто така оценија дека парламентарната соработка меѓу Србија и Турција е добра, и дека е важна за зближување на двете земји.
Тие изразија уверување дека добрите српско-турски односи имаат големо влијание врз мирот и стабилноста на целиот регион.
Вучиќ уште еднаш нагласи дека Србија, како сигурен партнер, секогаш ќе биде на страната на легално и легитимно избраните органи на власта во Турција и дека никогаш нема да соработува со оние кои сакаат да го загрозат нејзиниот уставен и демократски поредок.
- Средба Кахраман-Брнабиќ во Белград -
Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Исмаил Кахраман денес оствари средба и со претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, на којашто беше заклучено дека билатералната соработка меѓу Србија и Турција е во подем и оти постојат добри услови за унапредување на економските врски на двете земји, особено по успешната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Србија.
Брнабиќ нагласи дека за Србија се особено важни договорите меѓу Србија и Турција во областа земјоделство и трговија, и оти Владата на Србија ќе настојува да обезбеди уште поповолна клима за идните турски вложувања во Србија, се соопштува од Владата на Србија.