Admir Fazlagic
29 Август 2019•Ажурирај: 30 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - Висока воена делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Хрватска, предводена од Началникот на генералштабот на ВС на Република Хрватска, генерал Мирко Шундов која е во официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија престојуваше во Генералштабот и Министерството за одбрана, пренесува Anadolu Agency (AA).
По приемот со високи воени почести генералот Шундов, оствари средба со неговиот домаќин, началникот на генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Како што соопшти Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, за време на официјалната средба генералот Ѓурчиновски изрази благодарност за досегашната поддршка од ВС на Република Хрватска, која е континуирана и особено значајна како во изминатиот период, така и во периодот кој следува во процесот на интегрирањето на Северна Македонија во НАТО алијансата.
„Генералот Мирко Шундов имаше средба и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на која беше потенцирана извонредната соработка меѓу двете земји, особено во областа на одбраната. Шекеринска се заблагодари за брзата ратификација на протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО и ја оцени како одлична соработката меѓу армиите во доменот на образованието и заедничкото учество во воени вежби", се вели во соопштението.
Се наведува дека генералот Шундов честитал на успешно изодениот пат на Северна Македонија кон членството во НАТО и ги понудил искуствата на Хрватската армија на секој понатамошен чекор.
Генералот Шундов, според соопштението, изразил благодарност за учеството на Армијата на Северна Македонија на меѓународната воена вежба „Итен одговор“ во Хрватска и упатил пофални зборови за квалитетната селекција на кадри од Северна Македонија кои се упатуваат на школување во воено образовните центри во Хрватска.
„Покрај можностите за унапредување и проширување на билатералната соработка во текот на средбата со делегацијата на ВС на Република Хрватска се разговараше и за процесот на трансформација и модернизација на Армијата, придонесот на Армијата од учеството во операциите во странство, користење на капацитетите на АП „Криволак“ за вежбовни активности, ангажирањето на Армијата во поддршка на МВР при справување со мигрантската криза", стои во соопштението.
Во рамки на посетата делегацијата на ВС на Република Хрватска, ќе биде примена и од претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Делегацијата на Вооружените сили ВС на Република Хрватска го посети и полкот за специјални операции во касарната „Илинден“ каде се одржа брифинг за единицата, методско показна вежба и презентација на дел од средствата со кои единицата располага, а во текот на утрешниот ден ќе оствари посета и на Центарот за обука на пилоти во Петровец.