Seyyid Emin,Furkan Abdula
30 Август 2019•Ажурирај: 02 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадата на Република Турција во Скопје приреди прием по повод 30 Август – Денот на победата во Турција и Денот на Турските вооружени сили, јавува Anadolu Agency (AA).
На приемот организиран во Скопје беа присутни претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, министри, пратеници, дипломати, претставници на Исламската верска заедница на Северна Македонија, претставници на турските организации и институции во земјата, како и голем број поканети гости.
Приемот започна со интонирање на химните на двете земји, а беше и прочитана пораката на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, по повод овој ден.
Амбасадорката Кара во нејзиното обраќање истакна дека 30 август претставува симбол на преродбата на турскиот народ, и дека вечниот турски народ со оваа победа докажал дека ќе се бори против секој што се обидува да ја загрози неговата независност.
Кара рече дека им претставува особено задоволство што го слават овој ден во, како што рече, оваа убава земја Северна Македонија, која според неа, зазема особено место во животите на низа личности кои им дале насока на минатото и на иднината на Република Турција, на чело со Мустафа Кемал Ататурк.
„Големиот турски народ со оваа волја црпена од љубовта кон татковината, херојски го оневозможи и кукавичкиот обид за државен удар организиран од страна на терористичката организација ФЕТО на 15 јули 2016 година, и уште еднаш докажа дека не стравува од никого кога е во прашање одбраната на иднината на државата. Турција со одлучност и умешност ќе ја продолжи борбата против тероризмот. Би сакала преку оваа прилика да го потенцирам значењето на поддршката на оваа борба од сите наши пријатели и сојузници, на чело со пријателската Северна Македонија. И во иднина ќе продолжиме на соодветен начин да им одговараме на заканите од тероризам, кој впрочем, со сите свои димензии претставува еден глобален предизвик, и на заканите од секаков вид кои ја имаат за цел нашата национална безбедност“, истакна Кара.
Исто така, амбасадорката Кара нагласи дека турскиот народ со почит и благодарност се сеќава на Мустафа Кемал Ататурук, неговите соборци, како и на сите херои, шехиди и ветерани на битката за независност.
На крајот на церемонијата, Кара му го додели воениот чин на заменикот воен аташе во Амбасадата на Турција во Скопје, Ѓоктуг Ѓунгор, кој беше унапреден од капетан во мајор.