Ergys Kavaja
19 Јануари 2023•Ажурирај: 19 Јануари 2023
СКАДАР/ЛЕЖ (АА) - Албанија е зафатена од лошо време, при што поројните дождови и силниот ветер во последните неколку часа предизвикаа проблеми во повеќе градови во земјата, додека најпроблематична е состојбата во Скадар и Леж, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Обилните врнежи од дожд кои продолжија во текот на ноќта и утринава создадоа проблеми во градовите Скадар и Леж, предизвикувајќи поплави на населби и земјоделски површини.
Според официјалните податоци на Општина Скадар, вкупната поплавена површина на територијата на оваа општина е 1.000 хектари, додека некои административни единици се без струја.
Во меѓувреме, обилните врнежи од дожд кои продолжија во текот на ноќта, создадоа проблеми во градот Леж, каде што поплавените улици во некои населби го отежнаа движењето на пешаците и возилата.
Како последица на врнежите, поплавени се и дворовите на некои училишта во општина Леж.
Во меѓувреме, Министерството за образование и спорт на Албанија соопшти дека поради обилните врнежи, во некои области во земјата образовниот процес е прекинат во 56 основни и средни училишта.
Покрај дождот, од снежните врнежи се зафатени и планинските предели во земјава, кои предизвикаа проблеми на некои патишта и прекини на електричната енергија.
Надлежните досега не соопштија за поплавени домови или повредени од лошите временски услови.