Selçuk Acar
28 Декември 2015•Ажурирај: 28 Декември 2015
ЊУЈОРК (АА) - Силното невреме пропратено со серија урагани и обилни врнежи, веќе неколку дена го загрозуваат животот во северните и централните делови на сојузните држави на југот на САД, а досега животот го изгубија најмалку 43 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Агенцијата за управување со кризни ситуации соопшти дека во силното невреме во Мисисипи загинаа 10, во Тексас 11, во Илиноис и Мисури 13 и девет лица во сојузната држава Тенеси, Арканзас и Алабама.
Десетици илјади луѓе веќе се евакуирани од загрозените подрачја, претежно вдолж реките кои се излија од коритата, но многумина и одбиваат да ги напуштат поплавените населби поради страв да не бидат опљачкани.
Според полициските извештаи во градот Албакурки регистрирани се најмалку 180 сообраќајни несреќи предизвикани од исклучително лошите временски услови на патиштата. Поплавите, обилниот снег и ураганите, без напојување со струја ги оставија населените места во Тексас и Ново Мексико каде живеат над 60.000 жители.
Ново Мексико го покри снежна покривка од 60 сантиметри.
Властите во сојузните држави Тексас, Оклахома, Мисури и Ново Мексико веќе прогласија вонредна состојба, а билансот на материјалната штета допрва ќе биде сумиран.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, четири северни региони на таа сојузна држава, прогласи и за зони на природни катастрофи.
За разлика од јужните делови на САД, на истокот на државата владеат рекордно високи температури за ова време на годината.
Во Вашингтон, температурата достигнува и до 23°C, што претставува рекордна вредност за овој дел од годината, во последните пет децении. Во Орландо во Флорида, измерени се 30°C што е рекордна температурна вредност за овој временски период уште од 1921 година. Топло е и во Њујорк, каде дневната температура го достигнува 30°C.