Info Leader Media
19 Јануари 2023•Ажурирај: 20 Јануари 2023
НОВИ ПАЗАР - Двајца мажи се удавија во Нови Пазар во населбата Ќеримиџиница откако паднале во надојдената река Трнавица. Нивните тела сѐ уште не се пронајдени, известува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на Одделението за вонредни состојби во Нови Пазар, Исмаил Дупљак, за Агенција Анадолија изјави дека ситуацијата во Нови Пазар е многу тешка и критична.
„Се случи трагедија, две лица се удавија. Тоа се неофицијални информации, но судејќи по сѐ, тоа е точно. Тие се наоѓале на брегот, но настанало лизгање на земјата и тие паднале во водата. Претпоставуваме дека сакале да се заштитат од водата. Противпожарните спасувачки тимови трагаат по нивните тела“, изјави за АА шефот на Одделението за вонредни состојби во Нови Пазар, Исмаил Дупљак.
Дупљак рече дека дождот во Нови Пазар паѓа од синоќа и дека реките Рашка, Јошаница, Бањска и Трнавица достигнале максимално ниво.
„Овие реки се излеаја на десетина локации. Градскиот штаб со јавните комунални претпријатија, противпожарната спасувачка единица и приватните претпријатија се на терен. Работиме на обезбедување на бреговите. Падна големо количество дожд“, рече Дупљак.
Најкритична е состојбата во населбите Шутеновац и Ќеримиџиница каде што водата продре во неколку куќи. Овие локации ги обиколи градоначалникот на Нови Пазар, Нихат Бишевац.
Саит Хасановиќ, жител на Ќеримиџиница, за АА изјави дека неговите соседи се обиделе да ги заштитат своите куќи од надојдената вода.
„Потона еден сосед, а друг се обиде да му помогне, па и тој потона. Синот на мојот газда кој потона, се обиде да им помогне, но не успеа. И тој потона во водата, но успеаја да го извлечат“, рече Хасановиќ.
Механизацијата на јавните комунални претпријатија се на терен каде што работниците работат на проширување на речното корито. Работниците полнат вреќи со песок, поставувајќи ги покрај речните брегови.
Во Нови Пазар е прогласена вонредна состојба.