Stipe Majic
25 Ноември 2019•Ажурирај: 26 Ноември 2019
ЗАГРЕБ (АА) - Голем протест се одржа во Загреб под слоганот „Хрватска мора да биде подобра“, во организација на синдикатите за образование, на кој се собраа околу 20.000 наставници, професори и други вработени во образовниот систем од цела Хрватска, како и голем број граѓани и студенти кои го поддржуваат штрајкот во образованието, со барање за зголемување на коефициентот на сложеност на работата од 6,11 отсто, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во организација на Синдикатот на хрватските наставници (SHU) и Независниот синдикат на вработените во средните училишта (NSZSŠ), со поддршка на Независниот синдикат на науката и високото образование (NSZVO), на главниот плоштад во Загреб се одржа голем протест, а кој се одржа на 31. ден од штрајкот во основното и средното образование во Република Хрватска.
Наставниците и професорите започнаа со циркуларен штрајк низ жупаниите на 10 октомври, а со оглед на тоа што хрватската Влада не ги исполни барањата на Синдикатот за зголемување на коефициентот, според кој се пресметуваат платите, за 6,11 отсто, од минатиот вторник вработените во образованието се во генерален штрајк.
Зголемување на коефициентот на сложеност на работата не бараат само професорите кои работат во основните и средните училишта, туку и останатите вработени во образованието, помошнички, домари, помошници во наставата, стручни соработници, секретари и сметководители.
Претседателката на Синдикатот на хрватските наставници, Сања Шпрем, пред насобраните на Плоштадот „Бан Јелачиќ“ порача дека повеќе не станува збор само за штрајк за зголемување на коефициентот за 6,11 отсто, туку дека ова е „движење за подобра иднина на нашите деца и нашата татковина“.
„Штрајкот е резултат на долго незадоволство од материјалниот и социјалниот статус, работните услови, непочитувањето, потценувањето на нашата професија. Овој штрајк е борба за статусот на образованието и нашата позиција во него. Образованието е трајно запоставено и вработените се повеќе од демотивирани. Запуштеното образование е неподобна Хрватска“, рече Шпрем.
„Никогаш повеќе не смее да има учител во оваа земја кој ќе ја наведне главата пред другите кои го посрамотуваат“, рече претседателот на Независниот синдикат на вработените во средните училишта, Бранимир Михалинец.
Учителот по религија од Риека, Марин Милетиќ, во својот говор нагласи дека наставниците повеќе не сакаат да постои можноста за анонимни пријави од ученици и родители и дека бараат тие пријави да бидат потпишани.
Тој го наведе примерот на колешка во училиштето чија последна плата пред пензија, по 38 години стаж, изнесувала 6.200 куни (840 евра).
„Чесен народ не може да биде пријател на својот угнетувач“, „Вие нам приходи, ние вам исходи“, „Доста е Владата да нѐ лажеи мами“, „Наставниците рекоа многу“, „Единствената реформа сме ние“, „Штрајк за живот“, се некои од илјадниците транспаренти донесени од демонстрантите на Плоштадот „Бан Јелачиќ“.
„Штрајкот би можел да биде стопиран в четврток, доколку дојде до договор со хрватската Влада“, најави претседателот на Независниот синдикат на вработените во средните училишта, Михалинец.