Vesna Besiç
25 Ноември 2019•Ажурирај: 26 Ноември 2019
САРАЕВО (AA) - По повод 25 Ноември - Денот на државноста на Босна и Херцеговина (БиХ), бројни делегации денеска положија цвеќе на шехидските гробишта „Ковачи“ во Сараево, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓу останатите, цвеќе положи членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ и заменик-претседавачот на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, како и претставници на Кантонот Сараево.
„БиХ оди во вистинска насока. Овие денови направивме важен чекор, и покрај упорните деструкции, оваа земја секој ден е сѐ посилна и посилна. Постои илјада години и ќе постои уште илјада, уверен сум. Човек без држава е како семејство без куќа. Ние имаме држава, имаме своја куќа. Ние сме тука, тоа е нашата земја. Треба тоа да се цени и да се погледне како живеат некои народи кои тоа го немаат. И треба тоа да се чува и унапредува“, порача Изетбеговиќ.
Тој ја коментираше и изјавата на членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, дека „БиХ е заедничка, а Република Српска е српска“.
„Секоја педа од оваа земја е заедничка, ништо во БиХ не е српско освен називот Република Српска, а не знам дали тоа така ќе остане доколку Додик продолжи со вакви изјави“, рече Изетбеговиќ.
Бројни делегации денеска положија цвеќе пред спомен-обележјето „Вечен оган“ („Вјечна ватра“) во Сараево, по повод одбележувањето на 25 Ноември - Денот на државноста на Босна и Херцеговина.
Во босанско-херцеговскиот Мркоњиќ Град, на денешен ден пред 76 години, на Првото заседание на Земскиот антифашистички совет на народното ослободување на Босна и Херцеговина потврден е континуитет на државноста на Босна и Херцеговина. Овој настан на територијата на босанско-херцеговскиот ентитет Федерација БиХ се одбележува како празник, додека на просторот на ентитетот Република Српска овој ден не се разликува од кој било друг работен ден.