Agim Sulaj
25 Ноември 2019•Ажурирај: 26 Ноември 2019
ПРИШТИНА (АА) - Централната изборна комисија на Косово го одложи објавувањето на конечните резултати од предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 6 октомври во земјата, бидејќи движењето Самоопределување поднело жалба до Врховниот суд во врска со процесот на пребројување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Централната изборна комисија на Косово, Валмир Елези, во соопштение нагласи дека Врховниот суд има рок од максимум 72 часа да ја разгледа жалбата на движењето Самоопределување и да излезе со некоја одлука, и дека потоа Централната изборна комисија ќе направи чекор врз основа на одлуката на овој суд.
„До Врховниот суд е поднесена жалба против претходната одлука на Изборната комисија за жалби и претставки, затоа резултатите по процесот на пребројување не можеме да ги објавуваме во оваа фаза, во овој случај без некоја потврда од Изборната комисија за жалби и претставки, и од Врховниот суд дека нема некое прашање за разгледување“, рече Елези.
Меѓу другото, движењето Самоопределување во соопштение испратено до медиумите нагласи дека се обратиле до Врховниот суд, бидејќи во Централната изборна комисија стигнале уште 392 кутии во времето кога во Центарот за броење и резултати било во тек пребројувањето на 1.407 гласачки места од парламентарните избори.
Според ова соопштение, сите гласови треба да бидат избројани и вклучени во конечните резултати.
Инаку, се очекуваше Централната изборна комисија на Косово денеска да ги објави конечните резултати од предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 6 октомври во земјата.