СКОПЈЕ (АА) - Скопје е домаќин на состанокот на лидерите од регионот посветен на Планот за раст на Западен Балкан, усвоен од Европската комисија, јавува Анадолу.
На состанокот, освен премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, присуствуваат и Александар Вучиќ, претседател на Србија, Еди Рама, премиер на Албанија, Албин Курти, премиер на Косово, Милојко Спајиќ, премиер на Црна Гора, Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, како и Џејмс О'Брајан, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД.
На состанокот преку видеоврска ќе учествува и Борјана Кристо, претседателка на Советот на министри на Босна и Херцеговина, а ќе присуствуваат и претставници на повеќе меѓународни организации и институции, меѓу кои и претставници на Светската банка и Европската инвестициона банка.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во изјавата пред почетокот на состанокот истакна дека ова е исклучително важна средба.
„Целта, како што веќе најавивме, е да разговараме за Планот за раст на Западен Балкан, кој претставува навистина конкретна акција на ЕУ во делот на зголемувањето на регионалната соработка помеѓу државите, но и вклучување на заедничкиот европски пазар“, рече Ковачевски.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека за него е важна секоја помош што може да им се понуди на компаниите и бизнисите.
„Верувам дека нашата денешна средба, како и средбите што ги одржавме синоќа, се важни за напредокот и развојот на целиот регион. Разговаравме со претставниците на ЕУ и на САД за Планот за раст и денес ќе продолжиме со дискусија“, рече Вучиќ.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека во Планот се предвидува пристап до европскиот пазар, кој досега беше можен само за земјите членки.
„Мора да кажам дека ова е навистина многу важен состанок бидејќи ние сме тука да ги собереме на едно место нашите размислувања со претставниците на ЕУ и американската администрација за голем чекор што треба да го направиме за да се приближиме кон ЕУ“, рече Рама.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека неговата земја на состанокот ќе ја достави листата на реформи, во чиј центар е реформата на јавната администрација.
„Вредностите на ЕУ треба да се претворат во реформи кај нас, додека поддршката на ЕУ треба да биде и финансиска. Планот за раст значи 6 милијарди евра за нашиот регион, при што висината на добиените средства зависи од добрата работа што ја правиме и од успешните перформанси што ги прикажуваме“, рече Курти.
Своја изјава имаше и премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, кој рече дека Планот за раст е силен сигнал за компаниите.
„Црна Гора, како и сите други, е задоволна што е дел од овој концепт. Планот за раст од ЕУ претставува одлична можност за сите нас. Едвај чекаме да започнеме и слушнавме дека е можно да го имаме од оваа година и мислам дека тоа е многу важен сигнал не само за земјите од Западен Балкан туку и за бизнисите што сакаат да инвестираат во Западен Балкан“, рече Спајиќ.
Генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Герт Јан Купман, рече дека доколку концептот се имплементира, има потенцијал да ги удвои економиите на земјите од регионот.
„Многу е охрабрувачки да се види како регионот го прифати овој концепт, работи напорно на реформите што ќе помогнат да се започне овој раст, а регионот веќе е многу активно ангажиран меѓусебно. Денес лидерите ќе разговараат за заедничкиот регионален пазар и постепената интеграција на регионот на нашиот единствен пазар“, изјави Копман.
Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Џејмс О'Брајан, исто така, ги поздрави придобивките од Планот за раст.
„Планот за раст од ЕУ не е како ниеден план што го видовме досега. Планот не вели дека треба да направите реформи и подоцна ќе бидете оценети. Планот вели дека ако направите одредени реформи, тогаш вашите компании и вашите луѓе многу брзо ќе ги придобијат четирите слободи на ЕУ“, рече О'Брајан.