Abdula Berisha
28 Јули 2020•Ажурирано: 28 Јули 2020
СКОПЈЕ
Коалицијата „Сега е време“ составена од политичките партии Алијансата на Албанците и Алтернатива, организираше протестен марш во Скопје против „кражбата на албанскиот глас“ на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Оваа коалиција освои 12 од 120-те места во Собранието на Северна Македонија, но смета дека имало бројни нерегуларности во текот на изборниот процес. Коалицијата „Сега е време“ поднесе и десетици приговори до Државната изборна комисија (ДИК), но тие не беа прифатени.
На повикот за протестен марш одговорија илјадници граѓани, кои маршираа од паркот во Чаир до канцеларијата на ЕУ во Скопје, притоа поминувајќи и пред зградата на Владата на Северна Македонија.
Демонстрантите држеа плакати на кои пишуваше „Не осиромашивте да не купите“; „Крадците во затвор, а не во влада“; „Државен изборен криминал (ДИК)“, користејќи ги кратенките на Државната изборна комисија.
На протестот беше присутен и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши; претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, како и избраните пратеници, кои ветија дека ќе се ангажираат за заштита на албанските гласови.
Лидерите на двете политички партии во своите говори пред присутните го обвинија ДИК за манипулација и кражба на гласови, повикувајќи ја меѓународната заедница „да не дозволи оваа земја, особено албанскиот дел, да падне во диктатура“.
„Оние кои мислат дека победиле на изборите, тие ја имаат само легалноста на ДИК и судските органи кои сами ги раководат. Но, тие никогаш не можат да ја имаат легитимноста на Албанците, затоа што тој му припаѓа на овој народ овде, тој ви припаѓа вам. Тие сакаат да го украдат овој легитимитет од нас, но ние нема да отстапиме“, рече Гаши.
„Легитимноста може да се постигне само на еден начин. Легитимноста бара демократска, фер и чесна процедура. Не прифаќа уцена, не прифаќа купување, не прифаќа кражба, а уште помалку не прифаќа пополнување кутии. Тие политички субјекти и политичари кои ги прават овие работи, не заслужуваат почит“, рече Села.
Протестниот марш беше придружуван од полициски сили, но и активисти на политичките партии кои беа ангажирани за мирен развој на протестот. Протестот заврши мирно и без инциденти.
Потсетуваме дека ДИК на 25 јули ги објави конечните официјални резултати од предвремените парламентарни избори, според кои коалицијата „Можеме" (СДСМ) освои 46 мандати, Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и „Обнова за Македонија" освои 44 мандати, Демократската унија за интеграција (ДУИ) освои 15 мандати, Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива освои 12 мандати, Левица освои 2 пратеници и Демократската партија на Албанците (ДПА) освои еден мандат.
Потсетуваме, поради актуелната пандемија на коронавирусот (Ковид-19), гласањето се одвиваше три дена. На 13 јули, гласаа болните од Ковид-19 и лицата во самоизолација, на 14 јули, своето право на глас можеа да го остварат болните и немоќни лица, граѓаните во домовите за старци, затворениците и раселените лица, а на 15 јули гласаа сите останати граѓани во земјава со право на глас.