СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), вечерва за вторпат беа доделени наградите „Јуџел“ на Турците од Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Церемонијата е организирана со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, а во 12 различни категории доделена е наградата „Јуџел“ на лицата кои покажале успех во Северна Македонија, Турција и на меѓународно поле. Жири комисијата која ги додели наградите е составена од 5 члена.
На церемонијата учествуваа претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Салих Мурат, амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, заменик-министерот за труд и социјална политика на Северна Македонија, Енвер Хусеин, претседателот на Турската демократска партија (ТДП) и пратеник, Бејџан Илјас, претседателот на Движењето за национално единство на Турците (ТМБХ), Ердоган Сарач, претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, претставници на турски институции и организации, академици, членовите на жири комисијата и ограничен број на гости.
Претседателот на Уставниот суд, Салих Мурат, кој ја доби „Специјалната награда на жирито“, во својот говор во спомен на движењето „Јуџел“ рече дека оваа награда што му ја додели МАТУСИТЕБ, за него е од голема чест.
Истакнувајќи дека тој е првиот кој пишува за движењето „Јуџел“, Мурат истакна дека истовремено е и основач и еден од вработените во МАТУСИТЕБ.
„Духот на движењето ‘Јуџел‘ сè уште трае. На некој начин, МАТУСИТЕБ го продолжува тоа. Кој беше духот на движењето ‘Јуџел‘? Да ги величаме нашите национални и морални вредности. Ние го правиме тоа токму сега. Второ, кога е потребно да ја платиме секоја цена, тоа веќе сме го платиле. Трето, вредноста со која најмногу е обвинувано движењето ‘Јуџел‘, е Турција, за чиј опстанок се молиме и држава која ја сакаме без да ја гледаме. И денес има едно прашање за која МАТУСИТЕБ 20 години не погреши, тоа е муабетот и дијалогот воспоставен со Турција. Затоа што е работа која ја има во нашите души“, нагласи Салих Мурат.
Претседателот на МАТУСТИЕБ, Хусрев Емин, истакна дека со доделувањето на наградите „Јуџел“ се има за цел да се заштитат вредностите и да се наградат успешните.
Истакнувајќи дека како МАТУСИТЕБ ќе дадат сè од себе доделувањето на наградите да стане традиција рече: „Сакам само ова да го истакнам. Овие награди кои го носат името на движењето ‘Јуџел‘ се дел од нашиот идентитет, значаен елемент на нашето постоење. Именувањето на наградите како ‘Јуџел‘ е прифатено од сите страни, сфери на нашето општество.“
- Награди во 12 различни категории -
На церемонијата, наградата од областа на образованието, „Наградата за наставник на годината“, ја доби Ахмет Нафи Ибрахим, наставник од Гостивар.
Наградата за „Професор/научник на годината“ му беше доделена на Ахмет Шериф и Нуман Аруч, додека „Наградата за светла ѕвезда на годината“, ѝ припадна на Хатиџе Муратова, главната актерка во „Honeyland“, номиниран за Оскар.
Еден од важните театарски и филмски актери во Северна Македонија, Мустафа Јашар ја доби „Наградата за животно дело“, додека „Наградата за актер на годината“ му припадна на Џенап Самет.
„Наградата за спортист на годината“ му припадна на младиот фудбалер Али Адем, кој направи трансфер во грчкиот прволигаш Арис.
Искусниот поет и писател Авни Енгулу ја доби „Наградата за книжевник на годината“.
Џенгиз Ибрахим, виртуозот на канун, ја доби „Наградата за уметник на годината“, додека „Наградата за новинар на годината“ му припадна на директорот на турската програма при Македонската телевизија.
Хафиз Адем Идриз ја доби „Наградата за верски служител на годината“, додека „Наградата за здравствен работник на годината“ му припадна на Д-р. Низаметин Сезаир.
Претседателот на Уставниот суд, Салих Мурат, ја доби „Специјалната награда на жирито.“
Поради епидемијата на Ковид-19, на гостите кои учествуваа во ограничен број во согласност со утврдените протоколи им беше презентирана кратка музичка програма.
- Движењето „Јуџел“ -
Турците коишто живееја во земјава, во 1937 година почнаа да се обединуваат со цел да ги сочуваат националните и духовните вредности, своите обичаи и традицијата.
Во 1945 година на организацијата ѝ беше дадено името „Јуџел“ . За претседател на организацијата беше назначен Шуајб Азиз Ефенди, кој се школуваше во скопската медреса „Атаулах Ефенди“, а студиите ги продолжи на Универзитетот „Ал Азхар“ во Египет, каде што студираше во областа на верското право, мистицизмот и филозофијата на западниот свет.
Во рамките на напорите на поранешна Југославија за елиминирање на сите национални организации, во август 1947 година беа приведени 16 лица, за кои започна судски процес.
На 25 јануари 1948 година судот на смртна казна осуди четворица членови на движењето „Јуџел“, Шуајб Азиз, Адем Али, Али Абдурахман и Назми Омер, кои беа стрелани на 27 февруари истата година. Останатите притворени членови на „Јуџел“ беа осудени на тешки затворски казни.