Abdula Berisha
18 Септември 2020•Ажурирај: 19 Септември 2020
СКОПЈЕ
Во главниот град на Северна Македонија, Скопје, како и во неколку други градови на земјата, продолжуваат протестите против најавеното покачување на цената на електричната енергија од 7,4 проценти, што е најавено да започне од септември, јавува Агенција Анадолија (АА).
Десетици жители на Скопје се собраа денес и маршираа по скопските улици, поминувајќи пред Собранието на Северна Македонија и застанувајќи пред зградата на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Таму демонстрантите симболично фрлија пари, иронично велејќи дека ги собрале како „подарок“ за членовите на РКЕ.
Фуркан Идризи од Советот за протести во Скопје во изјава за медиумите рече дека нема да се откажат од своите барања, повикувајќи ги политичките претставници и институциите на земјата да ги прифатат на состанокот и да ги слушаат нивните барања.
„Веруваме дека барањата на граѓаните се разумни и дека граѓаните сакаат да ги решат овие барања пред да влеземе во зима, бидејќи зимата ќе ни донесе големи проблеми не само со пандемијата на коронавирусот, туку и со нашата социјална и финансиска благосостојба, бидејќи сметките за електрична енергија ќе бидат уште надуени и граѓаните нема да можат истите да ги плаќаат“, рече Идризи.
Потсетуваме, на 31 јули претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на Северна Македонија, Марко Бислимоски, соопшти дека цената на електричната енергија што ја плаќаат домаќинствата на регулираниот пазар се зголемува за 7,42 отсто, а граѓаните и понатаму ќе можат да ја користат ефтината тарифа во истиот период како и досега.
Оттогаш, секоја седмица се организираат протести во повеќе градови во земјата против оваа одлука.
Синдикатите, граѓанските организации и неколку политички партии во земјата реагираа по објавата на Комисијата, а првиот мирен протест против најавата на ЕВН беше одржан на 6 август.
Демонстрантите бараат РКЕ веднаш да ја поништи одлуката за зголемување на цената на електричната енергија, додека очекуваат Собранието на Северна Македонија да ја разреши РКЕ и да формира независно тело чија мисија ќе биде да ги проверува услугите на енергетските компании за граѓаните.