Husameddin Gina
24 Декември 2018•Ажурирај: 25 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Во Музејот на македонската борба денес беше отворена изложбата „Спомени од Првата светска војна“ со која ќе се одбележат 100 години од крајот на еден од најкрвавите и најдраматичните настани од светската историја, јавува Anadolu Agency (AA).
Изложбата преку докумeнтирани материјали, фотографии, лични сведоштва поткрепени со богат музејски фонд, го презентира војничкиот живот, но и животот во време на војната од автентична перспектива.
Изложбата свечено ја отвори министерот за култура на Македонија, Асаф Адеми, потсетувајќи дека светот во 2018 година преку бројни активности и иницијативи ја одбележува стогодишнината од крајот на Првата светска војна.

„Преку синергијата на различите видови спомени, пишани, визуелни, документарни и лични предмети, дознаваме повеќе за животот во големата војна, но и за војната во секојдневниот живот. Денешното потсетување на примирјето од ноември 1918 година, дури и симболично, е важна историска лекција за сите“, нагласи Адеми.
Кристијан Тимоние, амбасадорот на Република Франција во Македонија, наведе дека Европа останува свртена кон иднината, без да се навраќа на стереотипите и легендите. Тој, исто така, нагласи дека митовите за големината на националистичките обележја секогаш завршувале со голема катастрофа на народите.
„Повеќе од кога и да е, и покрај пречките, нашата заедничка перспектива е помирување на европскиот континент од Атлантикот до Урал, каде што се сплотени мирот, слободата и развојот“, рече Тимоние.
Даниела Николова, директорката на Музејот, истакна дека со изложбата сакале да презентираат два аспекти, воените случувања на македонскиот фронт и претставување на борбата на обичниот човек во воени услови.
На крајот од обраќањата, авторката на изложбата Данијела Трајкова-Крстиќ ги поведе низ изложбата министерот Асаф Адеми, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и другите посетители, раскажувајќи им за деталите на изложените материјали.