Husameddin Gina
17 Октомври 2018•Ажурирај: 18 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) – „Ако сакаме единство треба да научиме да живееме во една заедница со другите што се различни од нас“, изјави денес Арбер Адеми, министер за образование и наука на Меѓународниот научен семинар „Мултикултура, мултилингвализам и интеркултурализам низ векови“, одржан на скопскиот Универзитет „Мајка Тереза“, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Адеми истакна дека мултикултурализмот, интеркултурата и мултилингвализмот се значајни прашања, особено за општество какво што е Македонија.
„Секако, ние ја поддржуваме секоја активност, секој семинар и секоја друга мерка во насока на вреднување на овие вредности, бидејќи силно веруваме дека ако сакаме сплотеност, ако сакаме единство, треба да научиме да живееме во една заедница со другите што се различни од нас, и тоа е доблест, тоа е предност, и тоа е основа за целокупниот општествен напредок“, истакна министерот за образование и наука, Адеми.
Министерот за култура на Македонија, Асаф Адеми, изјави дека е горд што е дел од говорниците на семинарот и поради тоа што семинарот е поддржан од Министерството за култура.
„Ние што живееме тука како граѓани на Република Македонија, научени да живееме еден покрај друг, најмалку сме билингвални, и јас ги охрабрувам сите институции, особено универзитетите, да организираат вакви конференции на коишто ќе дојдеме до конкретни заклучоци на крајот“, нагласи Асаф Адеми.
Академик Луан Старова на семинарот се задржа на аспектите од мултикултурата и мултилингвализмот што произлегуваат од категоријата на толеранција, и тоа на случаи од албанската култура и литература.
„Мојата клучна теза е дека меѓурелигиската односно меѓуверската толеранција што постои одамна кај Албанците е фактор за нивно преживување во контекстот на градење добри односи на соживот со населението со кое или покрај кое живеат Албанците“, рече Старова.
Азис Положани, ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ нагласи дека сакаат семинарот да биде традиционален.
„Сакаме конференцијата да ја развиеме во традиционална. Преку академски пристап да ги развиваме овие компоненти, на некој начин тоа да го афирмираме и меѓу младите, меѓу студентската младина, а и пошироко од Универзитетот, не само во Универзитетот“, додаде ректорот на Универзитетот, Положани.