Husamedin Gina
17 Декември 2019•Ажурирај: 18 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за труд и социјална политика на Северна Македонија, Мила Царовска, и министерката за финансии, Нина Ангеловска, денеска ја презентираа програмата „Активација на ранливи групи на пазарот на труд“ за поддршка, менторирање и вработување на граѓаните кои се наоѓаат во системот за социјална заштита, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката Мила Царовска истакна дека социјалната реформа не е ништо друго освен вклучување на сиромашните или на тие кои со години биле под социјална заштита во пазарот на трудот.
„Само од јуни месец до денеска 370 лица коишто биле корисници на социјална парична помош или гарантиран приход со новата реформа се вработени за само овие 6 месеци“, нагласи министерката Царовска.
Таа исто така истакна дека со програмата, покрај вработување, лицата ќе добијат и психолошка и социјална поддршка со цел да ги вратат работните навики.
Нина Ангеловска, министерката за финансии, истакна дека за прoектот се наменети вкупно 4,1 милиони евра од кои 3,3 се гранд средства од ЕУ, додека останатите се од буџетот
„Целта на проектот кој денес го презентираме е ефективно вклучување на ранливите лица и примателите на социјалната помош на пазарот на труд и постигнување на најдобрите можни социјални исходи преку квалитетни персонализирани услуги и развој на вештини“, истакна Ангеловска.
Министерката Ангеловска, исто така, наведе дека со проектот ќе бидат опфатени 1.200 лица кои се корисници на гарантиран приход.