Besar Ademi
28 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Илјадници граѓани во знак на протест денеска во Скопје маршираа мирно од зградата на Владата на Република Македонија до Собранието со цел да го изразат своето незадоволство, поради, како што велат, „прифаќањето на платформата на албанските партии од лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ ), Зоран Заев“, јавува Anadolu Agency (AA).
Граѓаните собрани во организација на иницијативата на новоформираната „За заедничка Македонија“ велат дека станува збор за зачувување и заштита на единството на Република Македонија „главно за заштита на македонскиот јазик, кој е коренот на опстанокот и идентитетот на македонскиот народ“.
Тие бараат од политичките партии заедно да се ангажираат и да подготват заедничка платформа за заедничка Македонија со сите етнички заедници кои живеат во оваа земја и да ги одбиваат платформите, според нив, подготвени од странски земји. Во меѓувреме, демонстрантите бараат од политичките партии, особено од македонските, да не го гласаат во Собранието законот за двојазичност на целата територија на Македонија, кој според нив ќе ја води Македонија кон редефинирање.
Протестот започна од зградата на Владата на Република Македонија, за да продолжи до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, завршувајќи пред зградата на Собранието, каде што се одржаа говори против измените на Уставот, името и корените на државата. Пред завршување на протестот, во текот на разидување на собраните демонстранти, неколку новинари беа погодени од непознати лица.
Организаторите на протестите, вчера најавија дека ќе протестираат секој ден, се додека нивните барања не се исполнат и додека не се реши актуелната политичка криза што ја зафати земјата. Инаку, освен во Скопје, протести со исти барања се одржаа и во Битола, Прилеп, Штип и Кичево.
Таканаречената заедничка платформа на албанските политички партии во Македонија беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година, со посредство на премиерот на Албанија, Еди Рама. Преку оваа заедничка платформа која содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија, лидерите на албанските политички партии се обврзуваат дека нема да учествуваат во новата влада на Македонија доколку не бидат прифатени барањата наведени во платформата.