Besar Ademi
01 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во врска со синоќешниот инцидент на протестот што се одржа во Скопје по иницијатива на Здружението „За заедничка Македонија“, каде што беа нападнати двајца новинари додека беа на должност, Министерството за внатрешни работи соопшти дека случајот е под истрага, а во моментов се доведени на распит 12 лица, вклучувајќи и некои од организаторите на протестот, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред завршувањето на протестот кај триумфалната порта „Македонија“, во центарот на градот, непознати лица го нападнаа тимот на новинари кои поради добиените повреди беа пренесени во Ургентниот центар во Скопје.
Според првичните информации, Министерството за внатрешни работи смета дека тимот на новинарите беше нападнат од две машки лица. Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, на прес-конференција ги осуди инцидентите на вчерашниот протест, и предупреди дека ќе ги искористи сите капацитети за целосно истражување на случајот.
Тој додаде дека ќе се санкционираат сите обиди за нарушување на јавниот ред. „Апелираме до сите граѓани на Македонија да се воздржат од секаков вид на насилство и повреди на законските и на уставните вредности.
Граѓаните имаат право да протестираат на демократски начин, да се соберат на јавни места и да ги искажат своите ставови. Но, Законот за јавен ред и мир мора да се почитува“, рече Нухиу, повикувајќи ги сите граѓани на Македонија своите ставови да ги искажат без да ги загрозуваат основните законски вредности.
На прес-конференцијата се информираше и за две други пресметки што се случија синоќа во близина на центарот на градот, во кои беа повредени млади лица на возраст од 16 до 19 години. Во меѓувреме, во врска со случајот на девојката со шамија која беше нападната минатата недела во центарот на градот, министерот Нухиу рече дека не е известен за случајот.
Инцидентот на вчерашниот протест каде што беше нападнат тимот на новинарите, предизвика бројни реакции во јавноста. Нападот врз новинарите беше осуден од страна на здруженија и политички партии во земјата, вклучувајќи ја и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од каде што велат дека сигурноста и и професионалниот живот на новинарите не смее биде ризикуван, туку ним треба да им биде овозможено непречено да ја вршат својата благородна должност.
Инаку, Здружението „За заедничка Македонија“, почнувајќи од оваа недела, секој ден организира протести против, како што велат, „прифаќањето на албанската платформа од страна на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев“, која,според нив, ја води Македонија кон редефинирање.
Протести со истите барања се одржаа и во неколку други градови во Македонија, а организаторите најавија дека протестите ќе се одржуваат секој ден, сѐ додека не бидат исполнети нивните барања.
Протестите започнаа откако лидерот на СДСМ му го предаде на претседателот на државата доказот дека обезбедил парламентарно мнозинство за формирање новата влада, со потпис на 67 пратеници од неговата партија, Демократската унија за интеграција (ДУИ), Движењето Беса и од Сојузот за Албанците.
Заедничката платформа на албанските политички субјекти во Македонија беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11. декември минатата година, со посредство на премиерот на Албанија, Еди Рама.
Преку оваа заедничка платформа, која содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија, лидерите на албанските политички партии се обврзуваат дека нема да учествуваат во новата влада на Македонија доколку не бидат прифатени барањата наведени во платформата.