Abdula Berisha
12 Септември 2019•Ажурирај: 14 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Општина Чаир беше домаќин на годинешното издание на „Балканскиот базар на рачни ракотворби и стари занаети", кој се одржа во Старата скопската чаршија, јавува Anadolu Agency (AA).
На свеченото отварање на базарот на плоштадот „Скендербег“ присутен беше и градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, кој што рече дека е задоволство да се организира ваков настан, кој ги обединува балканските народи.
„Старата скопска чаршија со векови е огниште каде уживаме во ремек-делата создадени од нашите занаетчии и тука живее чистиот дух на народот. Ме радува фактот што постоењето на старите занаети и организирањето на ваквите културни настани ги зближува нашите луѓе сè повеќе“, рече Ганиу.
Градоначалникот на Чаир исто така високо ја оцени работата на уметниците и занаетчиите, повикувајќи ги да го пренесуваат своето знаење на идните генерации.
На базарот се претставуваат гости учесници од повеќе земји од регионот, вклучувајќи изложувачи од Тирана, Круја, Приштина, Призрен, Улцин, Мостар, Чајетина и Сараево.
Дел од манифестацијата беа и неколку културно-уметнички друштва, кои ги забавуваа присутните со традиционални ора.