Husamedin Gina
26 Април 2021•Ажурирај: 27 Април 2021
СКОПЈЕ (АА) – По повод 58-годишнината од смртта на Фетах Ефенди, поетот роден во Скопје, Здружението за едукација и идеи „Фетах Ефенди“ со седиште во Скопје во соработка со Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, организираше онлајн панел-дискусија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На денешната панел-дискусија со наслов „Фетах Ефенди- поет на татковината“, којашто се одржа онлајн, учествуваа професори, претставници на невладини организации, писатели, поети и лица од областа на културата, кои се осврнаа на животот и делата на скопскиот поет Фетах Ефенди.
Фетах Ефенди е роден во Скопје. Неговото вистинско име е Абдулфетах Рауф. Меѓу луѓето е претежно познат како Фетах Ефенди. Во повеќето свои песни Фетах Ефенди го изразува својот копнеж и својата тага за наследството на османлиската цивилизација.
Фетах Ефенди, особено во периодот по Втората светска војна, се спротивставил на миграцијата кон Турција што започнала од Југославија, истакнувајќи дека тоа не е дозволено и од религиозен аспект.
Салих Мурат, претседателот на Уставниот суд на Северна Македонија, потсетувајќи дека во времето на Југославија постоел систем што бил наметнат идеолошки, рече дека во тоа време немало доволно правна инфраструктура и дека меѓународното право не било на посакуваната точка.
„Во Југославија, за жал, во тоа време отворена е војна против конзервативните лица, патриотите“, рече Салих Мурат, осврнувајќи се на правниот процес за повторното судење на Фетах Ефенди.
Директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Серхат Кула, осврнувајќи се на развојот на Румелија во времето на Османлиите, рече дека кај некои земји, региони и географски области во прв план излегува културата.
Кула истакна дека Албанија во времето на Османлиите се развила во воена смисла, и рече дека јужните региони биле инволвирани во однос на дипломатските и бирократските прашања.
„Кога ќе го погледнеме македонскиот регион, гледаме дека тој е домаќин на повеќе научници, поети, а исто така е и домаќин на верските објекти на Балканскиот Регион“, нагласи Серхат Кула.
Претседателот на Здружението за едукација и идеи „Фетах Ефенди“, Севба Абдула, истакнувајќи дека Фетах Ефенди е поет и мислител, рече дека водачите на општеството претходно го чувствуваат тоа што ќе се случи со општеството.
„Во оваа смисла, водачите на општествата ги чувствуваат работите што ќе им се случат на општествата многу порано, и размислуваат за тие прашања. Во оваа смисла, мислам дека Фетах Ефенди е многу важен мислител. Се надевам дека по повод 60-годишнината од смртта ќе организираме повеличествен меѓународен симпозиум заедно со неговите песни“, нагласи Севба Абдула на денешната панел-дискусија.
Професорот по современи турски дијалекти и литература при Универзитетот во Киркларели, Турција, Ертугрул Каракуш, во своето излагање на панел-дискусијата, осврнувајќи се на поезијата на Фетах Ефенди истакна дека поетот често пишувал за реката Вардар, Турбето во скопска Гази Баба, и за неговата медреса каде што се образувал.