образование, Балкан

Во Скопје се одржа програмата „Научни патници - Балканот“

Проектот „Научни патници - Балканот“ има за цел да го зголеми интересот на општеството за науката и во него учениците имаат можност да учат преку практични вежби

Dzihat Aliju  | 03.06.2024 - Обновена : 05.06.2024
Во Скопје се одржа програмата „Научни патници - Балканот“ Фото: Dzihat Aliju/АА

СКОПЈЕ (АА) - Во главниот град на Северна Македонија се одржа програмата „Научни патници - Балканот“, што ја организираше средното училиште „Картал Анадолу Имам Хатиб“ од Туркије со поддршка на Претседателството на Турците во странство и пријателски заедници (ЈТБ), јавува Анадолу.

Програмата, чијшто дел се и училиштата Маариф од Северна Македонија, се одржа во Куршумли ан во Старата скопска чаршија, со учество на претставниците на турските институции и организации во земјата, академици, студенти и гости.

Претставникот на Турската фондација Маариф во Северна Македонија, Мехмет Баран, во својот говор ја нагласи универзалноста на науката, додавајќи дека нејзината најубава страна е соединувањето на универзалното со локалното.

Нагласувајќи дека неговите пријатели кои доаѓаат од Истанбул сакаат да ги споделат универзалните вредности на науката со збратимениот град Скопје, Баран рече: „Од вчера овие експерименти се подготвуваат со нашите студенти. И денес ќе ги споделиме овие експерименти со младите и студентите во Скопје овде на ова историско место“.

Директорот на средното училиште „Картал Анадолу Имам Хатиб“, Озкан Озтурк, рече дека денешната активност е одраз на „мобилното научно образование“ во близу 20 градови во 12 земји досега.

Озтурк го опиша проектот како алатка, мост кој осигурува дека училиштето со кое раководи се среќава со своите пријателски заедници во странство врз научна основа.

„Досега создадовме многу емоции со активностите што ги направивме во рамките на оваа програма, фестивал. Заедничкото создавање на наука и емоции е многу вредно за нас“, нагласи тој.

Истакнувајќи дека проектот се организира по четврти пат на Балканкиот Полуостров, Озтурк додаде дека програмата ќе биде завршена во Косово и Црна Гора во наредните неколку дена.

Советникот за образование при Амбасадата на Туркије во Скопје, Орхан Куртоглу, им се заблагодари на сите оние кои овозможија студентите од Туркије да го споделат своето знаење и искуство со своите пријатели, браќа и сестри овде и посака ова да биде продуктивен настан.

Како дел од програмата беа спроведени различни експерименти, а на штандовите беа презентирани научни трудови.

Проектот „Научни патници - Балканот“, кој има за цел да го зголеми интересот на општеството за науката и каде учениците имаат можност да учат преку практични вежби, започна во Истанбул во 2015 година од страна на средното училиште „Картал Анадолу Имам Хатиб“ и од 2017 година започна со поддршката на ЈТБ и на Балканот, да ги преминува границите на Туркије.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.