Besar Ademi
24 Јуни 2017•Ажурирај: 25 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Традиционалната манфестација „Бајрамски кандила“ која се организира од страна на Културното здружение „Визиони М“ со поддршка на Град Скопје, и оваа година ги израдува децата кои ги следеа и учествуваа на низа активности во рамките на оваа манифестација, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа културна манифестација која традиционално се организира во пресрет на Бајрам, како и секогаш започна со „Бајрамското вовче“, кое возеше десетици деца низ скопските населби, почнувајќи од Мустафа Пашината џамија се до Мурат Пашината џамија во Старата скопска чаршија.
Координаторот на проектот „Бајрамски кандила“, Ердуан Даути, истакна дека целта на манифестацијата е да ги израдува малите деца. Тој нагласи дека манифестацијата за првпат започнала во 2005 година.
„Манифестацијата започна во 2005 година и се организираше четири години по ред, а потоа имаше прекин неколку години. Почнувајќи од 2012 година секоја година се организира во пресрет на празникот Бајрам. Овој проект воглавно е наменет за деца до 10 годишна возраст“, рече Даути.
Оваа година, мотото на манифестацијата беше „Дојдете да се збогуваме со добриот пријател Рамазан - Дојдете да го славиме Бајрам“, додека во меѓувреме, на местото каде заврши турнејата на „Бајрамското вовче“, пред Мурат Пашината џамија, се одржаа активностите во рамките на оваа традиционална манифестација.
Оргнизаторите ја подготвија изложбата под наслов „Изложба на бижутерија и уметност“, а се одржа и концертот за деца „Бајрамски фидани“, каде беа рецитирани песни и се престравија фолклорни групи. Манифестацијата заврши со доделувањето на пакетите со прехранбени производи за децата присутни.