Admir Fazlagic
24 Јуни 2017•Ажурирај: 25 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија Сулејман ефенди Реџепи по повод Рамазан Бајрам упати порака до верниците од муслиманска вероисповед, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во бајрамската порака Реџепи потсетува на важноста на месецот Рамазан за муслиманите, истакнувајќи дека тоа е „месец со многу молитви и ибадети, еден месец во кој што се потврдивме и се исполнивме себеси со издржливост, љубов, сочувство кон човекот, со спремност да си помогнеме еден на друг".
„Основната порака на овој свет месец е само добрината, благосостојба за сите и чекорењето исклучиво по патот што ни го осветлил нашиот Творец! Го величевме овој Месец, бидејќи Самиот Алах џ. ш. го величел одредувајќи свети датуми кои што не постојат во другите месеци на годината. Над се, во овој месец е објавен Светиот Куран, одреден е патот на честа и на моралот, на чистотата, на искрената верба, одредени се законите на љубовта, на почитта, на хуманоста, беше поставен темелот на благосостојбата, беше јасно покажано колку е лесно постигнувањето на мирот и соживотот, колку е величествена различноста што ни ја подарил Творецот на Световите" вели Реџепи во пораката по повод Рамазан Бајрам.
„Го славиме Рамазан Бајрам, празник што го изразува нашето задоволство што сме муслимани, верници на Исламот, празник што ја изразува нашата гордост и нашата благодарност кон Семоќниот Алах што ни ги овозможи сите овие задоволства што се доживуваат само во текот на месецот Рамазан во кој што постевме и се молевме за среќа и бериќет, како за нас така и за сиот свет. Со таква чиста душа да продолжиме и денес, пружајќи рака еден на друг, да се прегрнеме како браќа, да ја израдуваме софрата на сиромашните, да ја зголемиме љубовта и грижата кон сирачињата, за нашите родители, за нашите семејства", истакнува Реџепи.
Меѓу другото, поглаварот на ИВЗ, Реџепи посака мир, милост и благослов.
„Молејќи го од се срце Милоствиот Алах да ни ги прими постот и сите молитви и ибадети, ви пожелувам среќен и бериќетен Рамазан Бајрам! Мирот, милоста и благословот на Алах џ.ш. нека бдеат секогаш над вас!", се наведува во пораката на поглаварот на ИВЗ Сулејман ефефенди Реџепи по повод Рамазан Бајрам.
По месецот на постот Рамазан, муслиманите утре го слават празикот Рамазан Бајрам.