Zülfiya Yakup
08 Август 2018•Ажурирај: 09 Август 2018
ПРИШТИНА (AA) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека решението за Косово е далеку, и дека Белград нема да носи никаква одлука без косовските Срби, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ ова го порача во телефонското обраќање на учесниците на состанокот на Српската листа, одржан денеска во Северна Митровица, на кој беа присутни и директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, и генералниот секретар на претседателот на Србија, Никола Селаковиќ.
Вучиќ вети дека Владата на Србија ќе ги реализира сите проекти кои ги започна во српските средини во Косово и дека ќе продолжи да вложува финансии во проекти, со што ќе го зајакне своето присуство.
„Што се однесува до решение, ние сме далеку од какво било решение, затоа ќе продолжиме да се бориме, и затоа ве молам за поддршка“, рече Вучиќ.
Истакна дека ниту една одлука нема да ја носи без косовските Срби.
„Јас во септември доаѓам во Косово, доаѓам и на северот на Косово, и сакам да им се обратам на сите Срби од Косово, да разговарам со вас и да ви кажам што ќе биде ново во разговорите за иднината на Косово, заеднички да планираме, заеднички да работиме и заеднички да живееме“, рече Вучиќ.