Bojana Stojanovıc
07 Февруари 2020•Ажурирај: 08 Февруари 2020
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ, известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Србија, Владимир Билчик и претседавачката со делегацијата на Европскиот парламент за односи со Србија, Тања Фајон, денеска во Белград во отворен и конструктивен дијалог разговараа за европскиот пат на Србија и конкретните резултати по меѓупартискиот дијалог за подобрување на изборните услови, во кој претставниците на ЕП беа посредници, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Претседателот на Србија нагласи дека Собранието на Србија во краток период го избрало Надзорниот одбор во Народното собрание и три члена на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми, со што е исполнета и последната обврска договорена во меѓупартискиот дијалот“, се соопштува од Претседателството на Србија.
Вучиќ нагласи дека предлогот за намалување на цензусот од 5 на 3 отсто е решение кое значително ќе ја унапреди репрезентативноста на Парламентот и ќе даде додатен импулс на плурализмот.
Вучиќ ги извести членовите на Европскиот парламент и за усвојувањето на предлогот на опозициската пратеничка Гордана Чомиќ за поголемо учество на жените на изборните листи, со што тие ќе сочинуваат најмалку 40 отсто од кандидатите на листите за републичките и локалните избори.
Известувачот Билчик и претседавачката Фајон го поздравија присуството на претставникот на Европската комисија вчера во Белград.
Билчик истакна дека неговата работа, како известувач на Европскиот парламент, е да добие консензус од земјите на ЕУ за проширување.
Тој нагласи дека по изборите ќе се залага за промени во Србија во областа на владеење на правото и јакнење на довербата во институциите, што е многу важен дел од процесот на пристапување на Србија кон ЕУ.
„Претседавачката на Делегацијата на Европскиот парламент за односи со Србија, Тања Фајон, нагласи дека е важно вратата за дијалог со целата опозиција да остане отворена“, се соопштува од Претседателството на Србија.