Bojana Stojanovıc
28 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска на претставувањето на програмата на инвестициски проекти „Србија 2025“ најави дека платата на крајот на 2025 година ќе изнесува 900 евра, а пензиите помеѓу 430 и 440 евра, јавува Агенција Анадолија (AA).
На претставувањето на програмата во Белград, Вучиќ рече дека Србија до 2025 година ќе држи стабилен курс на еврото помеѓу 117 до 120 динари за евро.
Тој план, оцени, е остварлив со раст на бруто-домашниот производ (БДП) на Србија од 4 проценти, што претставува „конзервативно толкување на проекциите на раст“.
„Нашата цел, пред сè, е луѓето во Србија да живеат подобро. Ќе работиме драстично да ја намалиме пропорцијата на заминување на младите од земјата. Сево ова го правиме за да имаме иднина“, рече Вучиќ.
Како што најави, буџетот на Србија за 2024 година ќе изнесува 14 милијарди евра, а во патната инфраструктура ќе биде вложено 5,78 милијарди евра, за железничката инфраструктура ќе бидат издвоени 3,53 милијарди евра.
„Србија не е во криза, во Србија ќе се живее многу подобро, треба да го зачуваме мирот, стабилноста, да бидеме вредни, паметни и одговорни, и убеден сум дека иднината ќе изгледа многу подобро, и дека нашиот народ, деца, пред сè, ќе бидат многу позадоволни отколку во претходниот период“, рече тој.
Запрашан како Србија политички ќе изгледа во 2025 година, Вучиќ одговори дека основен предуслов за сите планови е зачувување на мирот и стабилноста во регионот.
„Ми се чини дека сите луѓе кои се добронамерни гледаат колку големи напори вложуваме за тоа“, додаде тој.