Andelija Stojkovic
08 Септември 2023•Ажурирај: 09 Септември 2023
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска најави дека во среда или четврток во Брисел ќе се сретне со делегацијата од Приштина, јавува Анадолу.
„Тоа за нас е обврска бидејќи отсекогаш сме сметале дека дијалогот е единствениот начин за решавање на проблемите. А проблемите се натрупуваат“, нагласи Вучиќ на прес-конференција.
Тој истакна дека откога во Косово на власт е косовскиот премиер Албин Курти „се случија 401 напад врз тамошните Срби и 41 ескалирачки потег - што значи дека толку пати се обиделе да предизвикаат судири на северот на Косово“.
Вучиќ рече дека Србија разговарала со претставниците на Србите да бидат подготвени да прифатат дијалог за нови избори на северот, но дека е јасно дека нема збор за тоа тие да ги напуштат своите домови и да им го препуштат имотот на оние на кои тој никогаш не им припаѓал.
Одговарајќи на прашања, Вучиќ рече дека одамна не му верува на косовскиот премиер Курти и дека сака разумни и рационални решенија.
„Ако ме прашате дали сум за она што тие го нарекуваат голема Србија, ќе кажам не. А Курти никогаш нема да каже дека не е за голема Албанија, туку дека тоа не е приоритет“, рече Вучиќ.
Осврнувајќи се на изборите што ги бара дел од прозападната опозиција, која два дена ја блокираше работата на Собранието на Србија, Вучиќ рече дека разговарал со претставниците на партиите на власт, кои се расположени да излезат во пресрет на барањата на опозицијата.
Опозицијата во понеделникот на прес-конференција побара пред крајот на годината да бидат распишани вонредни парламентарни и белградските избори, а Вучиќ денеска рече дека разбира оти опозицијата бара избори на сите нивоа.
Тој додаде дека сега остануваат техничките детали, како и во кој момент да се одржат изборите, но и дека смета оти треба да се почека да завршат разговорите околу Косово и седницата на Генералното собрание на Обединетите нации, за потоа да одржи заеднички состанок со претставниците на властите и да се донесе одлука.
Говорејќи за економијата, Вучиќ рече дека ја поддржува одлуката минималната плата во Србија да изнесува 402 евра, и дека е донесена одлука да се исплати еднократна поддршка од 20.000 динари (170,5 евра) за пензионерите во периодот од 25 ноември до 5 декември.