БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа во Белград изјави дека планот на Европската унија (ЕУ) за Косово, кој му го претставиле западните претставници, всушност станал нова преговарачка рамка за Србија во процесот на евронтеграцијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вчера се одржа седница на Владата на Србија, на која присуствуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Владата соопшти дека Вучиќ ги информирал членовите на Владата за ситуацијата, предизвиците и тешкотиите со кои се соочува Србија кога е во прашање Косово.
Вучиќ потоа вечерта и се обрати на јавноста од зградата на Генералниот секретаријат на претседателот на Република Србија и зборуваше за средбата што во петокот ја имал во Белград со претставници на ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија. Тој нагласи дека на средбата му било јасно кажано дека Србија нема да може да напредува доколку не соработува по прашањето за Косово.
Вучиќ рече дека му било кажано дека во случај на отфрлање на планот на ЕУ за Косово, последиците за Србија ќе бидат прекин на евроинтегративниот процес, запирање и повлекување на западните инвестиции и сеопфатни политички и економски мерки кои ќе предизвикаат големи штети за Србија.
Зборувајќи за средбата што во петокот се одржа во Белград со претставниците на ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија, Вучиќ наведе дека „јасно му е кажано“ дека Србија нема да може да напредува доколку не соработува по прашањето за Косово.

Тој истакна дека тоа му било повторено три пати во текот на разговорот и додаде дека секој пат реагирал многу жестоко.
„Иако можев емотивно да реагирам, да кажам тргнете се, исфрлете ги, мојата работа е да се грижам за државата“, рече Вучиќ.
Вучиќ тврди дека промената на геополитичките околности придонеле за најостар пристап на западните земји кон Србија и кон косовското прашање.
„Сите земји-членки на ЕУ го прифатија тој план, вклучително и пет земји кои не го признаа Косово, бидејќи им објаснија дека не постои експлицитно признавање на независноста на Косово, иако го прикриваа фактот дека постои имплицитна обврска дека Србија не се противи на влезот на Косово во ОН... Сите го прифатија тоа, а планот всушност, неформално, стана нова преговарачка рамка за Србија“, рече Вучиќ.
Повторувајќи дека планот е условен со продолжување на патот кон ЕУ и инвестициите, Вучиќ рече дека Србија мора да бара компромис.
„Не можеме да го спречиме влезот на Косово во НАТО и во Советот на Европа, ЗСО мора да се формира според 22 принципи“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека преговорите со претставниците на Западот биле исклучително тешки.
Вучиќ рече и дека конфликтот во Украина е голем проблем за Србија и додаде дека агендата на Западот е претставена со поразот на Русија и дека се што стои на патот на таа агенда ќе се исчисти.
Тој нагласи дека повлекувањето на инвестициите е најтешка санкција и потсети како Западот за краток период ги повлече сите компании и инвестиции од Русија.
„Ќе разговараме со Албанците и со ЕУ. Конечната одлука ќе ја донесе целото општество. Ни претстои тежок период“, рече Вучиќ.
Вучиќ, исто така, предупреди дека ќе биде прашање на неделата кога ќе се укине безвизниот режим на Србија со ЕУ, доколку во петокот во Белград рече дека не сака да разговара за француско-германскиот план за Косово, кој сите членки на ЕУ го прифатија.

„Србија мора да учествува во дијалогот, мора да го продолжи европскиот пат, не затоа што се восхитувам на нивното лицемерие, туку затоа што економски мора да опстанеме и да напредуваме, не смееме да бидеме изолирани“, рече Вучиќ.
Тој синоќа најави и дека во наредните денови ќе ги информира сите пратенички групи за европскиот предлог за решавање на косовското прашање и дека ќе побара поголемо учество на собранието и на владата.
Вучиќ рече и дека ништо нема да се случи денеска или утре, а собранието и народот ќе го кажат своето мислење за тоа, можеби кога Србија ќе се соочи со конечните барања за Косово.
Претседателот на Србија додаде дека секогаш го слуша мислењето и на Српската православна црква и другите верски заедници и дека во секој случај претстои тежок период во кој ќе треба многу работа за сѐ да се надмине.
Вучиќ рече дека е војник на својата земја, дека живее за неа и дека е „подготвен да поднесе оставка доколку треба да купи време за Србија“.
Вучиќ информираше и дека во Србија е пронајдено ново големо наоѓалиште на злато, едно од 100-те најголеми во светот.