Talha Öztürk
09 Октомври 2017•Ажурирај: 10 Октомври 2017
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска оцени дека ослободителната пресуда за воениот командант на Армијата на Босна и Херцеговина во Сребреница, Насер Ориќ, докажува оти животот на српските цивили не е подеднакво вреден колку и животот на другите луѓе, и дека тоа е знак оти Србија секогаш ќе мора сама да се бори за правдата, јавува Anadolu Agency (АА).
„Јасно е дека за правдата ќе мораме ние самите да се бориме, и дека само ние ќе бидеме обвинувани. Дека никогаш ни (Рамуш, заб. авт.) Харадинај ниту Ориќ нема да бидат виновни, според нивните судови, за најголемиот број Срби што загинаа. А во поранешна Југославија најмногу загинаа Срби, Срби и Бошњаци“, рече Вучиќ.
Тој ги повика Србите да не упатуваат ниеден тежок збор до Бошњаците и со нив да градат пријателство и иднина.
Вучиќ додаде дека српското Министерство за правда ќе реагира на ослободувањето на Ориќ.
Тој рече дека Србија мора да ја прифати одговорноста онаму каде што е виновна, но исто така и јасно да укаже каде се виновни другите.
Министерката за правда на Србија, Нела Кубуровиќ, одлуката за ослободување на Ориќ пред Судот на БиХ ја оцени како срамна и изрази уверување дека Вишиот суд во Белград, пред кој и понатаму се води случајот за воени злосторства против Ориќ, ќе продолжи да го води случајот.
„Србија нема да се откаже од политиката на помирување и добрососедски односи во регионот, но тоа мора да го сакаат сите држави подеднакво, како и да бидат посветени на тоа“, истакна Кубуровиќ во соопштението.