Bojana Stojanovic
17 Октомври 2016•Ажурирај: 18 Октомври 2016
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот премиер Александар Вучиќ денеска изјави дека би сакал да ги види доказите оти пензионираниот командант на жандармеријата на Србија, Братислав Дикиќ, планирал терористички акции во Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Српскиот премиер во Прокупље изјави и дека лично не верува во тоа, имајќи ги предвид другите разузнавачки информации до коишто дошол.
„Се разбира дека ќе се извинам и ќе речам 'алал вера, завршивте добра работа', ако некој ми обезбеди какви било други информации, но досега не добивме“, рече Вучиќ.
Српскиот премиер изјави дека српската амбасада во Црна Гора ги испратила своите службеници да ги посетат уапсените лица, бидејќи многумина од нив преку адвокатите барале да интервенира државата Србија.
Полицијата и Обвинителството на Црна Гора соопштија дека минатата ноќ биле уапсени 20 српски државјани осомничени за подготовка на немирите во текот на денот на изборите, напад на граѓаните кои по прогласувањето на резултатите би се собрале пред Парламентот на Црна Гора, заземање на Парламентот и прогласување на изборна победа на „одредени политички партии“.
Обвинителство на Црна Гора се сомнева дека оваа криминална организација имала намера за „апсење“ на премиерот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.