Admir Fazlagic
31 Октомври 2020•Ажурирај: 02 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Градот Скопје ќе испрати помош за настраданите од земјотресот кој го погоди Измир, во Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата ја соопшти Град Скопје на нивниот официјален профил на социјалната мрежа Инстаграм, споделувајќи фотографија на која пишува: „Скопје знае, Скопје сочувствува."
„Скопје е град што памети. Солидарноста е нашата највисока вредност. В понеделник Советот на Град Скопје ќе испрати помош за настраданите во Измир, а дотогаш нашите мисли се со луѓето под урнатините и спасувачките тимови", се вели во објавата на Град Скопје.
Пораки на сочувство до турскиот народ испрати државниот врв на Република Северна Македонија, односно претседтелот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Управата за вонредни ситуации при Министерството за внатрешни работи на Турција (АФАД) соопшти дека во земјотресот кој го погоди Измир, загинаа најмалку 39 лица, а повредени се 885 лица.
АФАД соопшти дека по разорниот земјотрес се регистрирани уште 658 потресувања на тлото, од кои 40 биле со јачина од околу четири степени.
Пребарувањето и спасувањето и понатаму продолжува во Измир.