Ekipa
01 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
АТИНА (АА) - Објавата дека Грција ќе формира сопствена вселенска програма беше пречекана со воодушевување на социјалните медиуми, јавува Anadolu Agency (AA).
Хаштагот #Greek_NASA беше еден од главните трендови на Твитер во Грција по онлајн објавата на Владата во понеделникот вечер дека Министерството за дигиталната политика, медиуми и телекомуникации наскоро ќе поднесе нацрт-закон во Парламентот за формирање вселенска агенција.
Објавата се случува во период кога владата се соочува со можно повторно испливување на должничката криза во земјата, а Меѓународниот монетарен фонд предвидува дека долгот на Грција би можел да стане „експлозивен“ до 2030 година.
Од Министерството беше соопштено дека Агенцијата ќе биде важен центар за грчки и меѓународни истражувачки институти.
Веста предизвика бран од слики и твитови во врска со тоа прашање, од кои најмногу се однесуваа на тековната финансиска состојба во Грција. Други, пак, ја пофалија оваа одлука.
„Го правиме она што е очигледно“, рече министерот за дигитална политика Никос Папас: „Незамисливо е нашата земја во денешно време да нема вселенска агенција“.
Во објава на Фејсбук, Папас ја поздрави хумористичната нота на социјалните медиуми во врска со објавувањето, и додаде: "Прашањето е едноставно. Дали Грција треба да има вселенска агенција како речиси секоја друга земја на ЕУ или не, или некој сака да ги изгубиме нашите права ... "