Vesna Besic
01 Октомври 2020•Ажурирај: 02 Октомври 2020
САРАЕВО
Две лица смртно настрадаа, а 18 се повредени во судир на мигранти во населбата Жегар во Бихаќ во Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата за АА ја потврди гласноговорникот на Министерството за внатрешни работи на Унско-санскиот кантот (УСК), Але Шиљдедиќ.
„Синоќа полициската станица Бихаќ прими телефонска пријава од жителка на населбата Жегар, која пријави дека во Жегарското поле се наоѓа поголема група мигранти, дека дошло до судир и дека има и повредени лица“, изјави Шиљдедиќ.
Како што рече, на самото место се упатени повеќе полициски патроли кои ја потврдија пријавата.
„Односно, за време на приоѓањето до самата локација ним им се обратиле околу 80 мигранти, кои со себе имале и повредени луѓе. Утврдено е дека двајца мигранти смртно настрадале, десет добиле тешки телесни повреди, а осум полесни. Сите се згрижени во Кантоналната болница во Бихаќ“, изјави Шиљдедиќ за АА.
Нагласи дека во разговор со лицата дошле до сознание дека сите повредени мигранти се државјани на Пакистан, а дека ги нападнале државјани на Авганистан.
„Сите повреди кои ги имаат се нанесени со ладно оружје, со нож или со некој друг остар предмет, односно со тапо оружје како што се дрвени палки“, рече Шиљдедиќ.
Дежурниот обвинител констатира дека се работи за кривично дело убиство и во тек е увид, како и потрага за евентуални сторители, но, како што рече Шиљдедиќ, тоа е отежнато со оглед на тоа дека најверојатно лицата кои го извршиле ова дело се упатиле кон планината Пљешевица, односно кон границата со Хрватска.