Bojana Stojanovic
31 Октомври 2018•Ажурирај: 01 Ноември 2018
БЕЛГРАД (AA) - Делегацијата на Одборот за надворешни работи на Големото народно собрание на Турција, на чело со претседавачот Волкан Бозкир, престојува во посета на Србија. Бозкир истакна дека ваквите посети мора да се интензивираат, со цел јакнење на парламентарната соработка и дека треба да се разгледа можноста за одржување трилатерални состаноци на парламентарците на Србија, Турција и Босна и Херцеговина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во врска со ова, во Собранието на Србија во Белград се разговарало со претседателот на Одборот за надворешни работи на Собранието на Србија, Жарко Обрадовиќ, кој се состана со турската делегација.
Како што е соопштено од Собранието на Србија, Обрадовиќ истакнал дека и покрај различните ставови кога е во прашање статусот на Косово, двете земји имаат квалитетна соработка на сите нивоа.
Претседателот на Одборот наведе дека е неопходно давање заемна поддршка во меѓународните организации, а особено во Советот на Европа.
Изрази надеж дека средбите на ниво на двата одбора ќе бидат поредовни и дека тоа ќе придонесе кон јакнење на соработката и на останатите одбори, со цел унапредување на сеопфатната парламентарна соработка.
Обрадовиќ истакна дека се од големо значење за Србија турските инвестиции и изрази надеж дека кога е во прашање енергетското снабдување, изградбата на Турскиот тек ќе биде од голема корист за Србија.
Народната пратеничка, членка на Одборот за надворешни работи, Дубравка Филиповски, во оваа пригода укажа на важноста на соработката на двете држави, како на политичко, така и на економско ниво. Истакна дека соработката на двата одбора за надворешни работи треба да биде пример за добра пракса и за останатите одбори. Филиповски наведе дека постои простор за унапредување на соработката во областа на образованието и родовата рамноправност.
Соговорниците оценија дека, за јакнење на парламентарните односи, од голема важност е заемната посета на парламентарците и се согласија со идејата за организирање трилатерални состаноци.
Бозкир се состана и со потпреседателот на Собранието на Србија, Верољуб Арсиќ, кој истакна дека односите на Србија и Турција се на високо ниво, за што сведочи и неодамнешната размена на посети на државните функционери на највисоко ниво. Тој укажа и на важноста на Турција за стабилноста на Балканот и Југоисотчна Европа, како и на тоа дека Србија настојува со својата политика да биде извор на стабилноста на овој регион.
Арсиќ во разговорот оцени и дека економската соработка помеѓу Србија и Турција е добро развиена, но дека има потенцијал за уште поголем развој, како и за заемни вложувања, со што се согласи и претседателот на Одборот за надворешни работи, Волкан Бозкир.
Бозкир во разговорот истакна дека Србија е важен стратешки партнер на Турција, како и тоа дека треба да се зацврстат односите и соработката на двете држави.
Соговорниците посебно ја нагласија важноста на парламентарната дипломатија и интензивната соработка на парламентарците како директно избрани претставници на граѓаните на двете држави и изразија уверување дека размената на посетата на парламентарните делегации ја интензивираше таа соработка.
Во текот на средбата стана збор и за положбата и заштитата на националните малцинства во Србија и Турција, а Арсиќ ги извести членовите на турската парламентарна делегација дека во Србија претстои одржување избори за национални совети на националните малцинства.
Турската делегација утре се состанува и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.