Балкан

Ден на жалост и во балканските земји поради трагедијата во Кочани

Во знак на сочувство и солидарност со трагедијата денес ден на жалост е во Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, а вчера и во Црна Гора

Elena Trenchevska Chekovikj  | 18.03.2025 - Обновена : 18.03.2025
Ден на жалост и во балканските земји поради трагедијата во Кочани

СКОПЈЕ (АА) – Во Северна Македонија продолжуваат деновите на жалост поради трагичниот пожар во Кочани, во кој за неколку минути згаснаа 59 млади животи, јавува Анадолу.

Знамињата се на половина копје, откажани се сите музички, забавни активности и настани во културните установи, а програмата на медиумите е приспособена за деновите на жалост.

Во знак на сочувство и солидарност со трагедијата денес ден на жалост е во Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, а вчера и во Црна Гора.

Според одлуката на Владата на Србија, денес, 18 март, е прогласен за ден на жалост на територијата на целата земја. Српските знамиња се на половина копје на државните институции и установи, а медиумите и културните институции се обврзани да ја приспособат својата програма на денот на жалоста.

Србија беше една од земјите што меѓу првите понуди помош и прифати повредени од пожарот. Тие се згрижени во четири здравствени центри - Клиничкиот центар на Србија, Военомедицинската академија (ВМА), Воената болница во Ниш и КЦ Ниш.

Вчера претседателот Александар Вучиќ посети дел од нив и кажа дека во здравствените установи во Србија ќе бидат згрижени 29 повредени лица.

Денес и во Бугарија е ден на жалост. Министерскиот совет на земјата го прогласи 18 март за ден на национална жалост во спомен на жртвите во трагичниот пожар.

Знамињата се на половина копје, а во Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија е отворена книга на жалост.

Во своите болници земјата зеде на лекување 14 пациенти повредени во пожарот.

И Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина на итна седница го прогласи 18 март за ден на жалост на територијата на овој босанскохерцеговски ентитет.

„Оваа одлука е донесена со цел да се изрази сочувство до семејствата на жртвите во трагедијата што се случи на 16 март 2025 година во градот Кочани, Северна Македонија“, се наведува во соопштението на Владата на Федерацијата.

Ден на жалост поради трагедијата во Кочани вчера беше и во Црна Гора.

„Со голема тага ја примивме веста за трагичниот настан во Кочани, Северна Македонија. Владата на Црна Гора е подготвена на секој начин да застане покрај пријателскиот народ на Северна Македонија во ова тешко време“, напиша премиерот Милојко Спајиќ по повод објавувањето на денот на жалоста во земјата.

Да потсетиме, најмалку 59 лица го загубија животот, а околу 155 се повредени во пожарот што избувна во дискотека во Кочани.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.