Vesna Besiç
11 Јули 2018•Ажурирај: 11 Јули 2018
ПОТОЧАРИ (АА) - Семејствата, соседите и пријателите пристигнуваат во комплексот на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, каде што ќе се одржи молитвата и погребната церемонија на 35 жртви од геноцидот во Сребреница, јавува Anadolu Agency (AA).
Од раните утрински часови пристигнуваат семејствата на жртвите, кои повеќе од две децении чекаа да ги закопаат посмртните останки на татковците, синовите, браќата.
На гробиштата во Меморијалниот центар, каде што минатата ноќ беа изнесени ковчезите на жртвите од Сребреница, семејствата се простуваат од своите најблиски.
Најмладата жртва што ќе биде закопана оваа година е Весид (Хасан) Ибриќ, роден 1979 година. Во времето на убиството имал 16 години. Покрај него уште три други малолетни лица ќе бидат погребани. Најстарата жртва што ќе биде закопана оваа година е Шахин Халиловиќ, роден 1924 година. Во времето на убиството имал 71 година.
Ќе биде погребана и една жена, а станува збор за Ремзија (Салих) Дудиќ, која во времето на убиството имала 20 години. Таа е родена 1975 година. Беше застрелана во колоната која поминувала низ шумата во потрага по слободната територија на Босна и Херцеговина, а ќе биде погребана со нејзиниот сопруг Нијазиј, кој беше две години постар од неа.
Во идентификацискиот центар „Подриње“ во Тузла се наоѓаат скоро 170 идентификувани жртви, но главно поради некомплетноста на посмртните останки, семејствата сè уште не се одлучиле за погреб. Меѓу нив, 43 беа официјално идентификувани со ДНК-анализа и од страна на семејствата, додека другите останаа идентификувани само врз основа на ДНК-анализата.
Во Меморијалниот центар Поточари досега се пронајдени 6575 жртви на геноцидот, а се трага по уште околу 1.000.