Kristina Maslareviç
28 Јуни 2016•Ажурирај: 29 Јуни 2016
БЕЛГРАД (AA) – Мандатарот на новата Влада на Србија Александар Вучиќ изјави дека добил повици од пријателите и од Српската напредна странка која ја предводи по вчерашната реакција на изјавата на градоначалникот на Сребреница Ќамил Дураковиќ, со примедба дека неговата реакција беше премногу блага, јавува Anadolu Agency.
„Замислете како би било вчера да зборував онака како што поголемиот број граѓани на Србија сакаше да зборувам. Прв пат синоќа имав повици од пријателите и од партијата на која и припаѓам, кои не се согласија со мојата реакција за Сребреница и кои сметаат дека требаше да дадам поостра изјава и дека се сити од држење предавања на Србија, од оние кои во ниту било што не се подобри, ниту посилни, ниту би имале право да и држат предавања на Србија", рече Вучиќ.
Додаде дека не го смета за слабост тоа што не одговара на туѓи „неубави гестови, некогаш непристојни и примитивни напади", туку дека во тоа е силата на Србија.
„Во тоа што не одговараме на туѓи гестови, некогаш непристојни, некогаш примитивни напади од одредени средини во регионот е нашата сила, бидеќи ни е потребна стабилноста за да обезбедиме поголем раст за нашата земја, да обезбедиме напредок", додаде Александар Вучиќ.
Тој истакна дека на Србија и е потребна стабилност и мир и дека не дозволи да „биде вовлечена во политички или било какви други конфронтации".
Вучиќ рече дека тоа што реагирал на ставовите од Сребреница „благо и мирно, не е знак на слабост, туку знак на сила и промисленост и желба да се сочуваат мирот и стабилноста“.
Медиумите во Србија во понеделник ја пренесоа изјавата на градоначалникот на Сребреница Ќамил Дураковиќ, објавена во весникот Данас во кој се вели дека семејствата на сребреничките жртви донесоа одлука со која државниот врв на Србија е непожелен на 11 јули на комеморацијата во Поточари поради настаните во текот на минатогодишната посета на Вучиќ во Поточари.
Вучиќ, реагирајќи на таа изјава, рече дека претставниците на Србија ги разбраа пораките од Сребреница и дека не сакаат да прават проблем на комеморацијата во Поточари.
„Ја прифаќаме идејата дека сме вишок во Сребреница. Разбирам се што велат и тие имаат право да кажат дека некого не сакаат таму", рече тогаш Вучиќ и додаде: „ Тие кај нас се секогаш добредојдени, а ние бевме добредојдени кај нив пред неколку месеци. Не би сакал да навлегувам во нивните причини, не знам дали е кампања или нешто друго. Дураковиќ го доживувам како пријател на Србија, свој добар познаник, тој тука секогаш е добредојден".