Admir Fazlagic
22 Август 2018•Ажурирај: 23 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денес во Вашингтон имаше средба со државниот секретар на САД, Мајкл Помпео, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи (МНР) на Република Македонија, ова е прва средба на министерот Димитров со државниот секретар Помпео, по неговото стапување на функцијата во април оваа година, на која беа разменети мислења за актуелните внатрешнополитички состојби и надворешнополитичките приоритети на Република Македонија.
Министерот Димитров истакнал дека со својата конструктивна политика и остварени резултати, Република Македонија докажува дека заслужува да стане полноправна членка на НАТО.
„Македонија е следната тула на заедничката евроатлантска куќа“, рече министерот Димитров.
Притоа, ја нагласи важноста од натамошната американска поддршка на овој пат.
„Во регион кој сè уште се соочува со значајни отворени прашања, успехот на една земја е позитивен знак и поттик и за другите земји. Македонија ќе стори сè за да придонесе во создавањето на регион во кој земјите ќе споделуваат заедничка европска иднина и во кој границите нема да се важни“, нагласил Димитров, соопштуваат од МНР.
Во соопштението се наведува дека секретарот Помпео упатил честитки за напредокот што го постигна Република Македонија во изминатиот период, како на планот на внатрешните реформи, така и во односите со соседите, особено со постигнувањето решение за спорот околу името.
„Истакна дека земјата се наоѓа пред нов, многу значаен предизвик, кој доколку биде успешно надминат, ќе биде јасен сигнал за заокружување на започнатиот процес што треба да кулминира со членство на Македонија во НАТО. Притоа, нагласи дека поддршката на САД ќе остане силна, бидејќи САД ги препознаваат напорите на земјата и ќе продолжат да го помагаат патот кон НАТО и ЕУ“, се вели во соопштението.
По средбата со секретарот Помпео, министерот Димитров имаше одделна средба и со помошникот државен секретар за европски прашања, Вес Мичел.
Мичел упати честитки за потпишувањето на Спогодбата помеѓу Република Македонија и Грција и потенцира дека САД силно ги поддржуваат напорите на Владата на Република Македонија во имплементација на Спогодбата и заокружување на процесот на зачленување во НАТО.
Министерот Димитров имаше и одделна средба со вршителот на должноста заменик на помошникот државен секретар за европски прашања, Метју Палмер.
Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, на покана на државниот секретар на САД, Мајкл Помпео, од 20 август, престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави (САД).